Репрезентативец на Швајцарија се пензионираше на 29 години - ќе работи во банка!

Репрезентативецот на Швајцарија Максимилијан Гербл одлучи да ја заврши кариерата како ракометар и во иднина ќе се посвети на финансиите.

Имено, Гербл добил понуда да работи во швајцарска банка и истата ја прифатил, па така на 29 години става крај на кариерата. Швајцарецот кој игра како десно крило дипломирал финансиски услуги на Универзитетот во Базел, а сега добил понуда која не можел да ја одбие.

„Разговараме со Макс и ние не сакаме да стоиме на неговиот пат кон професионалниот развој и поради тоа го прифативме неговото барање за предвремен раскин на договорот“, соопшти спортскиот директор на Хановер, Свен-Сорен Кристоперсен.

По раскинувањето на договорот се огласи и самиот Гербл.

„Благодарен сум на тоа што имав прилика да играм во најдобрата лига во светот, уживав во секој момент, а сега е време за ново поглавје во мојот живот. Среќен сум што ќе ја искористам приликата“, изјави Гербл.

Во својата кариера Гербл е репрезентативец на Швајцарија од 2017 година и на 66 настапи постигна 96 гола.