Даниела Алексовска - едно девојче, два различни спорта, три златни медали! (ФОТО)
Алексовска (16 години) успеа за два дена, во два различни спорта да освои три златни медали.
Почна во саботата, на меѓународниот турнир во џудо „ИПОН СКОПЈЕ ОПЕН 2022“, каде што се натпреваруваше во две категории: кадетски натпреварување и сениор (за возрасни). И во двете освои златен медал, вкупно имаше шест борби и оствари шест победи, против две противнички од Македонија, две од Бугарија и една од Црна Гора.
Во неделата следуваше вториот предизвик на турнирот во граплинг АДЦЦ Македонија 2022, борби без кимоно. Имаше две борби и двете ги заврши со зафат и стигна до златниот трофеј, трет во два дена и во два различни спорта.
Алексовска веќе неколку години ја урива конкуренцијата во Македонија и пошироко во џудо, граплинг, кикбокс и во бразилско џиу-џицу, нејзиниот матичен спорт, кој досега ѝ донесе бројни медали и од силни меѓународни турнири. Нејзиниот татко, Ивица Алексовски е селектор на македонската репрезентација во бразилско џиу-џицу и самиот носител на повеќе меѓународни трофеи и мајстор во неколку боречки вештини.