Зверев против Циципас во првото полуфинале во Рим

Александер Зверев ќе се соочи со Стефанос Циципас во првото полуфинале на турнирот во Рим откако двајцата тенисери од топ пет на АТП во два сета ја завршија работата во денешните четвртфинални пресметки.

Зверев со 2-0 во сетови го победи 45-от играч на светот Кристијан Гарин со 7-5, 6-2 за да дојде до полуфинале и сега против Циципас ќе брка второ финале во низа откако играше во финалето во Мадрид, каде загуби од Карлос Алкараз.

Циципас, пак, малку потешко со еден сет во тај-брејк го победи домашниот тенисер Јаник Синер со 7-6 (7-5) и 6-2 во второто денешно четвртфинале.

Денис Шаповалов кој го елиминира Рафаел Надал го чека попладнево пресметка со Каспер Руд, додека најдобриот светски рекет Новак Ѓоковиќ од 20.30 часот игра против Феликс Оже-Аласим во последниот меч од оваа рунда.

Победниците од овие два меча ќе вкрстат во второто полуфинале, пресметки кои се играат утре, а финалето е закажано за во недела.