Херојот Трајковски: Ова е за моето семејство и за цела Македонија!

Александар Трајковски после три години се врати во градот каде го мина најубавиот дел од кариерата и го тресна европскиот првак Италија од својот втор директен шут, за Македонија да го остави светот подзинат после новата фудбалска епопеја на „Ренцо Барбера“.

Трајковски на Италија веќе и имаше дадено гол, во октомври 2017 година за ремито 1-1 после кое почна македонската фудбалска ренесанса и сега повторно беше клучен, ама за победа и еден чекор од бесмртноста – настап на Светско првенство. Првиот удар пред крајот на полувремето заврши во рацете на Џиџо Донарума, ама вториот директен во 93-та минута заврши таму каде што требаше – во мрежата.

„Ова е за моето семејство и за цела Македонија!“, порача Трајковски после големата победа, втора над еден великан во овие квалификации за Мундијалот во Катар, откако во март лани на почетокот на циклусот падна Германија во Дуисбург.

„Верувај во своите соништа и тие ќе ти се остварат“, додаде Трајковски.