Баерн се огласи за состојбата на Мусијала: Водиме разговори
Повод за реакцијата беа јавните изјави на актуелни и поранешни функционери на баварскиот гигант, пред сè Ули Хенес и Карл-Хајнц Румениге. Тие отворија прашање дали договорот на Мусијала, потпишан во февруари минатата година, треба повторно да биде разгледан и евентуално ревидиран.
Нивните изјави предизвикаа остри реакции од синдикатот на професионални фудбалери ФИФПРО, но и од пошироката јавност. Поради тоа, Баерн одлучи јавно да ја разјасни ситуацијата, откривајќи и кога првпат бил информиран за здравствените проблеми на германскиот репрезентативец.
„Во вторникот Баерн Минхен одржа конструктивен состанок со претставниците на Џамал Мусијала. Здравјето на фудбалерот е највисок приоритет за двете страни. Џамал Мусијала ја има нашата целосна поддршка во текот на закрепнувањето.
Поради бројните шпекулации во изминатите денови, Баерн и Мусијала, сакаат да ги разјаснат следните работи. Мусијала првпат беше подложен на медицински испитувања поради симптоми кои наликуваат на епилептични напади на 22 април 2025 година. Тоа беше направено во консултација со Баерн и медицинскиот персонал, веднаш по појавата на првите невролошки симптоми.
Баерн и претставниците на Мусијала се согласија разговорите да продолжат во духот на партнерството и меѓусебната доверба“, се наведува во соопштението на германскиот клуб.
Инаку, Мусијала во февруари 2025 година потпиша нов петгодишен договор со Баерн. Според него, германскиот репрезентативец заработува околу 26 милиони евра годишно, а со дополнителните бонуси сумата може да достигне и до 30 милиони евра.