ФФМ за иднината: Загубивме двајца, но ни пристигнаа бисери од Наполи и Галата!

Техничкиот директор на младинските национални фудбалски тимови на Македонија, Ѓорги Христов, на денешниот брифинг со медиумите говореше за актуелната состојба со талентираните фудбалери од дијаспората кои настапуваат или се следени за младинските селекции.

Тој посочи дека иако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) им дава шанса на сите млади играчи со потенцијал кои потекнуваат од странство, во изминатиот период двајца фудбалери одлучиле да ги прифатат повиците од земјите во кои се родени, истакнувајќи дека во таквите ситуации клучната одлука често ја носат нивните родители.

„Во изминатиот период некои деца одлучија да се вратат да играат за земјите каде што се родени. Последен таков случај од талентите кои ги следевме од дијаспората се Адел Мустафи од Унион Берлин и Стефан Арсов од Шведска. Играа за нас, добија понуди од Германија и Шведска и ги прифатија. Не по наша вина, туку родителите го прифатија тоа. Секој што има шанса да одбере, носи сопствен избор. Ние никогаш нема да се оддалечиме од дијаспората, даваме шанса на сите деца кои поседуваат талент, но проблем е кога одлуката не ја носат тие, туку родителите. Не сме во ситуација да испуштаме таленти. Во овој циклус добивме две нови квалитетни деца, кои се надевам дека во иднина ќе бидат од голема помош за Македонија“, изјави Христов.

Станува збор за десниот бек Адел Мустафи, кој претходно настапуваше за селекцијата на Македонија до 16 години, но пред неколку месеци заигра на пријателски натпревари за репрезентацијата на Германија до 15 години, како и за левиот бек Стефан Арсов, кој по два одиграни меча за Македонија У16, овој месец настапи за селекцијата на Шведска до 15 години.

Истовремено, во новите репрезентативни циклуси младинските селекции на Македонија добија две нови засилувања од познати европски клубови – Мануел Џилберти од италијански Наполи и Омер Дорук Вардар од турски Галатасарај.