НБА со 10 милијарди евра ќе гради модерни сали низ Европа, се спрема за војна со Евролигата!

НБА-лигата денеска објави амбициозен план со кој има намера да помогне во прибирање на најмалку 10 милијарди евра за изградба и обнова на кошаркарски сали низ Европа, како и за развој на спортски, забавни и комерцијални содржини во нивната околина.

Станува збор за обемен инфраструктурен проект во пресрет на стартот на новото европско клупско натпреварување, кое НБА го подготвува во соработка со Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) за 2027 година. За реализација на проектот, НБА собра група големи светски инвестициски компании, меѓу кои се „Аполо Спортс Капитал“, „Арес Менаџмент“, „Арктос“, „Блекстоун“, „ХПС Инвестмент Партнерс“, „Џеј-Пи Морган“, „Сикст Стрит“ и „Стоунпик“. На овој начин, потенцијалните учесници во новата лига и нивните сопственици ќе добијат пристап до капитал и стручно знаење за изградба на модерни објекти според северноамериканските стандарди, со придружни деловни, угостителски и јавни содржини.

Според истражувањето на консултантската куќа „Д Спортс Консалтанси“, новото натпреварување во првите десет години би можело да генерира над 24 милијарди евра бруто-додадена вредност за европската економија, да поддржи речиси 15.000 работни места годишно и да привлече близу 70 милиони гледачи. Почетокот на лигата, која засега го носи работното име „НБА Европа“, е планиран за октомври 2027 година. Според досегашните нацрти, натпреварувањето би броело 16 клубови – 12 од нив би имале загарантирано место, додека преостанатите четири учесници секоја сезона би се одредувале врз основа на спортски резултати, при што еден од патиштата би водел преку Лигата на шампионите на ФИБА.

Како потенцијални центри на новата лига се издвоени 12 градови во седум држави: Лондон, Манчестер, Париз, Лион, Мадрид, Барселона, Рим, Милано, Минхен, Берлин, Атина и Истанбул. Во проектот би можеле да се вклучат постојни кошаркарски клубови, големи фудбалски брендови, но и новоформирани екипи, додека календарот би бил усогласен со националните првенства и репрезентативните прозорци.

Клучно отворено прашање останува односот со Евролигата, која на почетокот на октомври го одби предлогот за поврзување со НБА и ФИБА. И покрај тоа, НБА и ФИБА порачаа дека остануваат отворени за соработка, но продолжуваат со подготовките за старт на сопственото натпреварување во 2027 година, што би можело да доведе до паралелно постоење на две конкурентски елитни лиги на европско тло.