„Без пола тим и без селектор имавме добра енергија, иако загубивме“

Македонската кошаркарска репрезентација очекувано загуби од Грузија на денешното гостување во Тбилиси со 70-91 за трет пораз во овие мундијалски квалификации, но помошникот на селекторот Драган Бајиќ и еден од најискусните во шарениот состав Бојан Крстевски посочија дека се задоволни од настапот сооглед на сите проблеми со кои се соочи националниот тим.

Македонија во Тбилиси дојде дури со шест дебитанти поради бројните повреди кои го „сотреа“ тимот, а дополнителен проблем беше и отсуството на селекторот Бајиќ поради позитивен тест на ковид-19, па во таква ситуација само прашање беше со колкава разлика во корист на Грузија ќе заврши мечот, зашто квалитетот беше очигледен на страна на Грузијците.

„Честитки до Грузија за заслужената победа. Имаат искусни играчи кои ние пробавме да ги запреме како Мекфаден и Шермадини во текот на натпреварот, но имаше ситуации кои мораме да ги подобриме. Од друга страна, генерално сме задоволни од енергијата која ја покажавме бидејќи шест од овие играчи се дебитанти во националниот тим. Кога ќе земеме се во обѕир, повредите, отсуството на селекторот Бајиќ, мислам дека дадовме добра енергија и сме задоволни од ситуацијата“, вели помошникот на Бајиќ, Јончевски.

Крстевски, пак, дополни дека жали што во ниту еден од трите досегашни мечеви Македонија не покажала сѐ што може и умее, поради тоа што ниту еднаш не играла во полн состав.

„Честитки до Грузија. Го започнаа натпреварот со агресивна одбрана на која не успеавме да се прилагодиме. Исто така најдоа решение за нашата одбрана, стигнаа и до лесни поени, но кога ќе се земе целата ситуација во обѕир дадовме добра енергија. Жал ми е што на ниеден од овие натпревари не настапивме во полн состав бидејќи имаме играчи кои можат да одговорат, а со тоа да се прикажеме и во подобро светло. Но, тоа е што е ова е шанса за младите играчи да докажат што знаат“, потенцира Крстевски.