Данска е пресилна, Македонија само на моменти покажа причини за надеж!
Почетокот беше најдобриот период на нашата репрезентација и тоа се минутите кои можат да бидат некаков аргумент за верба во оваа генерација. Отворивме со Кузмановска-Талевск-Велковски на бековската линија, првпат на ова ЕП, одбраната 5-1 со Мишевски напред функционираше и го стимулира Никола Митревски да брани, па по 6 минути веќе беше 4-0 за црвено-жолтите.
Јасно беше дека кога-тогаш Данска ќе се разбуди, но за жал тоа значеше и дека Македонија ќе пропадне во играчка провалија, без гол осум минути, дозволувајќи серија од 4-0 за фаворитот. Дури и откако погодивме, серијата продолжи до 6-1, па Данците првпат поведоа во 16. минута (6-5). Се повреди Филип Кузмановски и го напушти теренот неповратно, па работата на нашата репрезентација беше дополнително отежната. До крајот на првиот дел пак и држевме некаква неизвесност и покрај некои техички грешки, па на одмор заминавме со 11-15.
Во второто полувреме целосно дојде до израз разликата во квалитетот, Македонија се почесто правеше грешки, Лазаров комбинираше со составот, па шанса добија и Марко Митев и Иван Ѓоргиев, Марко Мишевски во напад, Кристијан Симоноски. Во 52. минута првпат беше пробиена границата за двоцифрена разлика (17-27), а до крај резултато беше формалност.
Жарко Пешевски со шест од шест беше убедливо најпрецизниот во македонскиот табор, Талески и Мишевски имаа по три, а голманите беа скромни, Митревски со шест одбрани (пет во првиот дел), Томовски со една.