Втора тренерска смена во Првата лига: Петровиќ си замина од Пелистер
Александар Петровиќ денеска поднесе оставка на својата функција и си замиува од битолскиот клуб по само половина година на клупата.
„Александар Петровиќ повеќе не е тренер на КК Пелистер откако овој искусен стратег си поднесе оставка од функцијата по поразот на гостувањето против Куманово.
Петровиќ пристигна на чело на стручниот штаб во текот на летото и му беа обезбедени максимални професионални услови за извршување на функцијата. Тој во целиот овој период ја имаше поддршката на раководството, но самиот донесе одлука да се повлече од кормилото, соопштувајќи ја истата на кошаркарите по последниот меч одигран во Куманово.
Кошаркарскиот клуб Пелистер јавно му се заблагодарува на Петровиќ за максималниот професионализам и посветеноста во овој период додека ја извршуваше функцијата во нашиот клуб. Исто така, му посакуваме многу среќа во идните ангажмани“, објави вечерва Пелистер.
Пред Петровиќ, оставка си поднесе и Тони Симиќ од Шкупи и на негово место беше назначен Никола Божиновски.