Елмас можел да дојде (и) во Вардар, ама не добил гаранции дека ќе биде во првиот тим!?
Вардар, Шкендија, па и Академија Пандев се екипите кои сакаа да го имаат Елмас во своите редови. Но, пред две години, обидите да го ангажираат пропаднале. И тоа најмногу поради фактот што никој не сакал да му го исполни единственото нешто што го барал тој и неговите родители – Елиф да тренира со првиот тим.
Работнички го ангажираше Елмас од редовите на фудбалска школа „Форца Вардар“ и многу брзо виде каков талент имаат во своите редови. Малиот Елиф доби шанса да игра и да тренира со првиот тим, па почна да напредува побрзо од очекуваното. „Нападите“ кон него да замине во Вардар, Шкендија или Академија Пандев пропаѓале веднаш откако немало да ги добие гаранциите за „дружење“ со првата екипа. Велат, можеби ќе се премислел ако добиел малку посериозна финансиска понуда, но и тоа го немало.
Работнички вчера го продаде Елмас на Фенербахче, а ова е прв ваков трансфер во историјата на Македонија – младинец со неполни 18 години директно од тука да замине во гигант од размерот на жолто-сините од Истанбул. Младиот фудбалер експресно се најде на радарот на големите клубови по неговите настапи на Европското младинско првенство во Полска, а Фенербахче ја доби битката за неговиот потпис, иако медиумите најавуваа интерес и од Бенфика, Галатасарај, Бриж, Манчестер сити...
„Дебармаалци“ во наредната сезона ќе бидат драстично ослабени, но контото на клубот ќе биде побогато. А и Работнички уште еднаш ќе докаже дека е клубот кој најдобро знае како да работи со младите категории во Македонија.