Кошаркарите на Пелистер со убедлив пораз ја почнаа епизодата наречана АБА2-лига, откако попладнево загубија во првиот меч од турнирот на Златибор и тоа од екипата на Ловќен (85-108).

Македонскиот тим беше релативно рамноправен тим се до средината на вториот период, кога последен пат беше во водство (33-32), по што се случи потоп. Противникот прво до крајот на првото полувреме првпат дојдоа до двоцифрено водство (52-42), за уште повеќе да го зголемат ритамот во третата четвртина, во која буквално ги згазија битолчани (31-14). Црногорскиот тим во последниот период во неколку пати ги имаа највисоките плус 31, за до крајот тоа да биде само рутинска завршница на меч кој се очекуваше да биде далеку позиедначен.

„На хартија имаме искусни кошаркари со доволно меѓународни натпревари, но денеска се потврди дека како екипа ни недостига искуство на играње на вакви средби. Ако го гледаме она што ни се случи денеска, изгледа како да ни потонале сите бродови. Јасно е дека не бевме на посакуваното ниво, но можеби е добро ова што ни се случи, бидејќи ќе имаме можност да извлечеме поуки. Имаме доволно време за да се подобриме“, изјави тренерот Марјан Илиевски.

Никола Малешевиќ со 21 поен и Бојан Трајковски со 20 поени беа најпрецизните кај Пелистер. Зелено-белите од Битола вториот меч на Златибор ќе го одиграат задутре и тоа против Сутјеска.