Вардар се пофали ќе соработува со Бешикташ, Турците велат - нема врска! (ФОТО)
Истанбулскиот гигант преку соопштение објави дека сите информации што биле објавени се неточни, замолувајќи ги навивачите да не наседнуваат.
„Вестите што се појавија за договор за соработка помеѓу нашиот клуб и македонски Вардар не се вистинити. Најљубезно ги молиме нашите навивачите да не наседнуваат на вакви информации“, стои во краткото соопштение од турскиот гигант, кое може да го погледнете ТУКА.
Пред четири дена првиот човек на Вардар, Слободан Крстевски, кој летово со својата фирма го презема раководењето со македонската гордост од рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, се сликаше со шефот на скаутската служба на црно-белите, Бајрам Билим, па на официјалната фејсбук-страница црвено-црните објавија дека е договорена долгогодишна соработка со истанбулскиот гигант.
Бешикташ летоска купи еден од најголемите таленти од Македонија, Бесир Гуџуфи, дете на Вардар кој зимоска кога се распаѓаше сѐ во црвено-црниот табор се пресели во струмичка Беласица, која во тој период ја раководеше Крстевски, а потоа младиот фудбалер беше продаден според информациите - за 400.000 евра.
Во ек на преземањето на клубот од страна на Крстевски, турските медиуми најавуваа дека друг истанбулски гигант, Фенербахче сакал да го земе како своја филијала.