Реал Мадрид го најде наследникот на Лука Модриќ!

Најголема желба на хрватскиот интернационалец Лука Модриќ е да заигра на спектакуларно реновираниот стадион „Сантијаго Барнабеу“, кој се очекува да биде готов кон крајот на следната година, но постојат реални шанси тоа да не се случи бидејќи „кралевите“ веќе го одредија неговиот наследник.

Станува збор за 25-годишниот Микел Мерино, кој ја почна кариерата во Осасуна, па по неуспешните епизоди во Борусија Дортмунд и Њукасл се врати во Реал Сосиедад, каде што блеска. За сегашниот тим потпиша во 2018 година, а оттогаш настапи на 118 средби за составот од Сан Себастијан со 13 голови и 12 асистенции, а од лани е и репрезентативец на Шпанија, за која веќе собра осум настапи.

Мерино има договор до 2025 година, но првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез, будно ја следи ситуацијата во неговиот клуб и е сигурен дека би успеал да го добие за отштета во износ од 60 милиони евра.