Дражен пред точно 28 години го одигра последниот меч - на турнир кој е историски за Македонија!

Најголемиот европски кошаркар на сите времиња, Дражен Петровиќ, на денешен ден пред 28 години го одигра последниот натпревар во својата неверојатна кариера и тоа во полскиот град Вроцлав, во дресот на Хрватска на квалификациски турнир за пласман на ЕП 1993 година.

„Коцкестите“ загубија против Словенија (90-94), во апсолутно неважен натпревар со оглед што двете селекции веќе се имаа пласирано на континенталниот собир, прв за нив по распадот на СФР Југославија. Но, без разлика на тоа, големиот Дражен не сакал да го пропушти дуелот и дал сѐ од себе, па дури сериозно влегол во дуел со својот соиграч, Дино Раѓа, поради работи што се случиле на паркетот.

„Дражен беше како Мајкл Џордан. Победник пред и над сѐ. И двајцата губеа и по некоја средба и титула, но секогаш во главата имаа победнички мисли кои ги туркаа напред. Од него научив многу, свесно и несвесно. Тој беше толку голем победник, што на неважниот меч со Словенија на крајот успеавме сериозно да се испи*караме за банални работи, кој на кого не ја додал топка и кој не одиграл во одбраната. Следното утро на појадок разговаравме преку Стојко Вранковиќ, кој требаше да ни ги пренесува меѓусебните пријателски надмудрувања бидејќи не разговаравме. За Дражен немаше лесен меч. На сите мораше да се игра со максимум и да се атакува на победа. Таков беше цел живот. Победник!“, напиша во една прилика Раѓа.

Еден ден по последниот натпревар во Врослав, целата хрватска репрезентација со авион тргна кон Загреб, но Петровиќ во последен момент е предомисли и реши да се врати со автомобил со својата тогашна девојка Калара Шалатни подоцна сопруга на фудбалерот Оливер Бирхоф. Таа пред Минхен загубила контрола над автомобилот, но остана жива, но Дражен, кој спиел на совозачкото седиште загина на лице место. Имаше само 27 години.

На турнирот во Врослав настапи и селекцијата на Македонија, која неколку дена претходно го одигра натпреварот против Хрватска, на кој Петровиќ ги преседе сите 40 минути на клупата. Тоа беше историски прв настап на жолто-црвените на европска сцена по осамостојувањето на државата.