Чупиќ: Од Вардар си одам со полно срце и душа!

Во ова вонредно нормално тишината е брендирана како морничав продукт на „Короната“, а нејзиното безбојно присуство никогаш не тежело повеќе во „Јане Сандански“ од синоќа. Недостасуваа неколку илјади грла, за да не изгледа погрешно и тажно испраќањето на Иван Чупиќ!

ВЛАДКО АРСОВ

Човекот на кој Вардар и Скопје му сраснаа за срцето, синоќа го крена последниот пехар облечен во црвено-црн дрес и по пет години ќе „чекира“ билет во еден правец. Овој, синоќешниот му беше 12. примерок од драгоцен спортски метал во рок од четири сезони (плус една некомплетна), меѓутоа неговото значење за Вардар ги надмина мерните системи за кои се користат бројки. На пример, каква равенка е потребна, за да пресметате колку вредат седум секунди и еден гол, за прва европска титула, поголема од милиони катарски евра?

Тоа се изразува само во емоции. Иван Чупиќ го чувствуваше Вардар како свое семејство, а на денови пред да си замине во новата авантура, во Загреб, верува дека тие емоции ќе останат со знак бесконечно. Спорт1 му направи интервју за разделба, во новинарски поджанр „отворање душа“ за убавото и за тешкото во овие пет години, за вредноста на единството и светоста на соблекувалната. Ни ги откри мислите и разговорите на една екипа погодена од беспарица и неизвесниот, но која и покрај сè тој ја доживува најблиску до она што го чувствува и за националниот дрес на Хрватска.

Да има некаде временски портал и да закажете средба со Иван Чупиќ од 2016 година, кој само што дојде во Вардар, дали можеш да го погледнеш во очи задоволен дека ги исполни сите очекувања, сè што посакуваше?

„Сигурно дека дојдов тука со некој план, со некои цели, со идеја. Влегов во некоја програма на Сергеј Самсоненко, во некои амбиции што ги имаше клубот и од тој аспект сигурно дека сум задоволен. Задоволен сум воопшто што ја избрав опцијата да дојдам овде, бидејќи знаеш, во Кјелце играв веќе четири години, освоив ЛШ, децата таму ми тргнаа во училиште, во градинка, тогаш добив трето дете, имаше Олимписки игри и не беше баш лесен чекор и мал залак. Воопшто не беше лесна одлуката, но прифатив. Ми се допадна многу амбицијата на клубот, го прифатив тој некој предизвик да дојдам и еве...по пет години можам само да заблагодарам и на семејството што ми дава потпора и на сите овие луѓе кои се околу мене пет години во Вардар. Онака вистински ми се оствари сон, освоив уште две титули. Го доведовме македонскиот ракомет на една невидена височина. Единствено што имав замисла дека тука ќе ја завршам кариерата, единствено тоа ќе се смени како што стојат работите, бидејќи одам за Загреб. Така што да, кога ќе се погледнам пред пет години, мислам дека остварив сè што зацртав во главата на спортски план и што мислев дека може да се случи, па и повеќе од тоа.“

Изгледаше ли тогаш Вардар како клуб кој може да оствари вакво нешто? Како ти изгледаше клубот, додека Сергеј те убедувал да дојдеш?

„Вардар во тоа време беше многу добар, имаше добри натпревари дотогаш, две четвртфиналиња, едно со Веспрем, едно со Кјелце. Секоја година посилна екипа, се гледаше во целата структура во клубот, од Сергеј, па надолу дека има амбиција, дека сакаат фајнал-фор, дека сакаат да стигнат до врвот на Европа. Да направат голем и силен тим. Јас кога зборував лично со Сергеј ми ветуваше дека нема да застане додека не се освои ЛШ. Така што, со имињата со кои дотогаш беа тука, со имињата кои ги имаше во план да ги доведе, во тој план до 2020 година, изгледаше многу сериозно и амбициозно. Јас потпишав договор на четири години, тоа беше некој циклус и тој правеше четиригодишен план за екипата. Е сега, некои работи во спортот не можеш да ги контролираш, но ете, за тие четири години – три фајнал-фора. Два освоивме, еднаш загубивме за еден гол. Знаев дека ќе бидеме силни, ама дека толку силни ќе станеме со сите промени, со проблеми....никој не можеше да знае. Се покажа дека и Сергеј и сите ние што сме тука дека имаме голема желба и дека заслужено го доведовме клубот каде што му е место.“

За вас спортистите селењето од едно на друго место не е проблем, веројатно ви е дел од работниот профил. Опиши ни ја таа номадска психологија што ја имате, веројатно еве сега за Иван Чупиќ како човек е многу потешко да се пресели за Загреб, отколку за Иван Чупиќ ракометарот?

„Да, дефинитивно. Овде поминавме пет години, сега сум со жена и четири деца. А децата се во градинка, школи, да бидам искрен веќе втор или трет месец ја завршуваме папирологијата. Нотарски преводи, па на англиски, па на хрватски, на македонски. Запишување во нови училишта, па кој ќе нè сели, камиони за овде, за Загреб, па на сето тоа корона, со тестови, со амбасади... Има толку многу работи, па ние уште од февруари почнавме да ги бркаме овие работи со жена ми, откако се вратив од Светско првенство и потпишав за Загреб. Се надевам дека до 10 јуни ќе ги завршам сите работи, четири месеци не е малку. Како ракометар да отидеш некаде да играш и да смениш средина не е проблем, но со жена со деца, со сето заедно што оди...трае малку подолго, но тоа е. Како што рече и ти, многу пати се селев во животот, но по пет години овде мислам дека е најтешко, подлабоки се корените. Скопје навистина стана мој втор дом.“

Играш, без малку, две децении, си сменил играчи, клубови, тренери и веројатно добро знаеш колку е важна главата во спортот. Колку е талент и работа, а колку психологија?

„Многу важно е. Карактерот на играчот и некоја психологија е она што е разликата меѓу добар спортист од врвен. Тоа не е само во ракометот. Тоа е некој мал чекор што одредува дека ќе останеш само добар играч, дека ќе бидеш многу добар или, пак, ќе бидеш врв, најгоре. Исто така важно е да се држи континуитет. На ова прашање секогаш правам паралела со најголемите во спортот, еве земете ги...не знам...Меси, Роналдо, Џордан, некои такви луѓе што се разликуваат. Постојат многу добри фудбалери, кошаркари и ракометари, но еден Карабатиќ е константа. Десет, 15 години да си во врвот постојано горе, горе... Нормално е да има и лоши натпревари и повреди,но сезоната трае десет месеци и вие да сте таков 15 години, на врвот да се носиш со најдобрите е тоа е главата и психологијата. А во спортот има и проблеми, ете финансиски или некои други, промена на системи, па селења, сето тоа знае да деконцентрира и затоа е важна главата, да знаете да ги тргнете тие работи на страна. Сите се талентирани и сите тренираат, но овие имаат нешто екстра од другите и ги држи горе. Така што тоа е некоја моја дефиниција. Без глава, без карактер не може. Секако дека треба да има и талент, но тие ситни разлики ги делат добрите и одличните спортисти од – ѕвездите. Тие и кога ќе ја завршат кариерата ќе останат запишани во историјата. Исто така годините не се важни. Мојот добар другар Лука Модриќ има 36 години и сите велат дека е стар,  сега ќе падне, а тој го продолжува договорот со Рал Мадрид, па одигра не знам колку натпревари. Не се важни годините кога во главата знаеш дека секој натпревар, секој ден е ново докажување, дека уште можеш да играш.“

Тој победнички карактер постојано се спомнуваше и во контекст на Вардар во последниве години. Колку и да изгледа екипата немоќна, ќе најде начин да ги победи и најголемите и тоа со различна постава. Во 2017 година една, во 2019 друга, а победничкиот менталитет останал.... Што значи „инсајдерски“ тој победнички карактер, во пракса, кои сте играчите кои го одржуваат тој менталитет?

„Па види, на крајот на денот, луѓето мора да сфатат дека, сепак ова е тимски спорт, дека еден човек може да постигне гол и да извади еден натпревар, но спортот е тимски и она што соблекувалната го носи низ тренинзите, низ постојаното дружење цела година, десет месеци, тој фактор е непроценлив. На крај на ден тој победнички менталитет во една екипа може да се добие не со имиња, не со буџет, не со пари, туку со соблекувална, со одење на тренинзи, на натпревари, размислување како некој играч, кој има можеби повеќе таков карактер, победнички, да ги подигне останатите. Сите се важни во соблекувалната, сите мора добро да функционираат во тимот.

И, нормално, по ова доаѓаат и парите и делот на логистиката, како што имавме поддршка ние. Меѓутоа прво што е важно е здравата комуникација внатре, здравата конкуренција. Ние имавме по двајца-тројца топ-играчи на секоја позиција, но не играше секој добро на секој натпревар. Па на некој му беше криво што играл само пет минути, 15, некој не влегол воопшто, но заеднички работиме на крајот на денот екипата да биде пред сè. Било какво его на играчот, а сите ние имаме его, мора тоа да се потисне во служба на екипата. Кога на тоа ќе додадете екстра индивидуален квалитет што го имавме...Ама повторно ќе речам, само со квалитет не се освојуваат екипи, мора да е здраво однатре. Променив многу екипи, играв и за Хрватска и навистина единствено ова што го имав во Вардар можев да го споредам со репрезентацијата, да го чувствувам тоа како некоја фамилија. Нормално е да има емоции и некоја нервоза понекогаш и лутење, но сето тоа се заборава, зашто утре Вардар пак мора да победи. Утре пак, утре пак и така десет месеци.“

Но, тоа не е лесно да се постигне...

„Е па тоа е најтешката задача на секој тренер, тој психолошки дел. Како по секој тренинг или натпревар, секој да ги стави настрана личните размислувања, екипата да биде пред сè? Сето тоа со 20-25 души не е лесно. Меѓутоа со здрав муабет и со комуникација се постигнува. Мора сите да сфатат дека Вардар е најважен, дека успесите и титулите се тие што го даваат вистинското светло на екипата. Затоа таа соблекувална го носи најголемиот дел, за што сега со гордост можам да зборувам.“

Така, а уште потешко е да се средат мислите кога има удари од страна, како финансиски проблеми. Како успевавте да останете фокусирани и да сте мотивирани, кога знаете дека клубот може да не постои за два месеца?

„Од страна тоа прашање има смисла, но од спортска страна и нема баш. За нас е многу едноставно: парите ќе дојдат еден ден. Проблемите ќе се решат, може не утре, задутре, може за една година или за пет. Може некој ќе оди на суд да ги земе парите, ама она што е сега е тренингот и натпреварите. Секој ден мораш да дојдеш на тренинг, ако не зошто си тука? Што правиш ако не дојдеш да помогнеш на екипата да се победуваат натпревари, за да остане Вардар што подолго на тоа ниво, кое ние сме си го зацртале дека мора да биде. Проблемите ќе се решат, но никој не може да игра за нас или да тренира. Само ние можеме она што сме го правеле со години да го продолжиме, да си го одработиме тоа што е наше. А за финансиските проблеми помагавме колку можевме, со победи, со трпение, со победи и атмосфера итн. Мислам дека од таа друга страна, човечна, покажавме дека многу го сакаме Вардар, дека многу ни значи клубот и дека во секој момент сме подготвени да направиме сè што е во наша моќ за Вардар, а најмногу можеме да направиме каде? На тренинг и на натпревари.“

И пак ќе речам, ова изгледа убаво вака кога слуша човек со зборови, ама не е лесно да се издржи на дело...

„Нормално дека не е. Десет месеци се многу. Може да зборуваме за кој било друг аспект од животот и семејство и деца, жена, другиот живот си тече. Доаѓаш секој ден на работа и дури да е сè во ред, може тебе не ти е во ред нешто, некој ден не ти се игра, некогаш не ти оди, секој има друг живот и други проблеми, но целта беше дека кога ќе влеземе во таа соблекувална – ние сме во наш свет. Ние ме во некој наш ‘бабл’, концентрирани на она што можеме да го смениме, а тоа се натпреварите. И издржувавме! Еден ден ќе дојде некој ‘ајде земи, денеска знам дека ти е тешко’, па ќе помогне, па друг ден ти си ‘во дупка’, па тебе некој ќе ти дојде ‘ајде уште малку ќе се заврши, ќе се реши’ и си помагавме, имавме некоја позитивна енергија секој ден. Ако некој е порасположен ќе мотивира некој покрај него, па тој некој трет... Едноставно како семејство, кога некој има проблем сите се околу него.“

За жал, на Балканот не ни е туѓо искуството да доцни плата, а во случај со спортистите веројатно тоа е уште потешко чувство, зашто сте јавни личности, зашто сте успешни и остварени, со поголемо его и нели доаѓа некогаш чувство како некој да ве навредува, бидејќи не го плаќа тоа што е ваше?

„Сигурно дека има моменти кога не ти е сеедно. Секој од нас има нормални обврски како кредити, станови, некој ги вложува тие пари, некому му требаат повеќе, некому помалку во некој момент... Меѓутоа за нас, повторно ќе речам, многу ни беше добра соблекувалната. Ќе дојдеш на тренинг или на натпревар и ќе ги издуваш проблемите, во тие часови не мислиш на работи што те мачат со месеци. Сигурно дека на никој не му беше лесно, но на крај на денот тоа соблекувалната го направи за нас, дека теренот е издувен вентил, па ќе дојдеш на натпревар, има 6-7 илјади луѓе додека играш... Кој размислува за кредити тогаш? Влегуваш на терен, те обземаат емоции и едноставно се прештекаш. Убаво ти е.“

Често знаевме да се пошегуваме со колегите, она што го направи Вардар во ЛШ, особено во 2019, да беше некоја американска екипа, НБА-екипа, досега ќе се подготвуваше сценарио за Холивуд. Вие однатре сигурно уште посилно го доживеавте. Од ова столче сега, како е? Изгледа филмски?

„Па право да ти кажам да, баш како некој филм со ‘хепи-ендинг’. Нешто во што ние како спортисти верувавме дека може да се случи, ама од почетокот, кога имавме комплетна екипа. Потоа 3-4 играчи кои ни беа важни си заминаа. Па проблеми, нов тренер, ситуацијата нејасна, ама ете некако со тој некој карактер се доведовме во ситуација да си речеме ‘во ред, парите ќе дојдат, клубот може ќе го има, може ќе го нема, ама за нас ова е животна шанса’. Зашто знаете, во спортот нема вчера и нема утре, има само денеска. Одевме на секој тренинг, натпревар мислејќи само за денеска. Знаевме дека е шанса на генерацијата, дека имаме квалитет и го искористивме моментот. Не постои во спортот што било пред две години или што ќе биде утре и за два месеца, тоа не е во наша моќ. Во наша моќ беше само да играме и да сме чисти кон себе, дека сме дале сè од себе и тоа го покажува карактерот на цела екипа. Тоа нè изнесе докрај. Фала му на Бога таа година освојувавме и ЛШ и СЕХА и македонската лига, така што направивме колку што можевме да покажеме дека тоа е вистинското размислување.“

За секој случај да прашам, ако се случи филм да се сними за Вардар, да не имаш желба кој да те глуми? Важна улога си...

„Хахаха. Не, не размислував така. Мене само чест и гордост ми беше што сум дел од таа екипа. Секој ден бевме со размислување дека ќе ја кренеме таа рака и на крај, кога заврши тоа финале, таа гордост и среќа вредеше за цела година и е чувство кое ќе остане до крајот на животот.“

Да се сретнат во хипотетички натпревар Вардар 2017 против Вардар 2019, како би изгледало тоа?

„Нерешено! Хахаха...Видете и едната и другата титула се заслужени, но тешко е да се споредат. Првата е секогаш прва. Прв фајналфор, веднаш прво финале, гол во последна секунда за финале, гол во последна секунда за титула, исто така сценарио за филм. Човек ако напише што се случуваше таа цела година... Имавме нови играчи, не бевме добри од почетокот. А во 2019 исто така неверојатно, да го победиш Сегед овде, таму да губиш девет разлика на полувреме и на крај да спуштиш на два.. За Келн да не зборувам, да губиш со Барса седум разлика, па да го свртиш натпреварот... Да играш против Веспрем кој има 25 играчи не знаеш кој од кој подобар, а водиш пет-шест разлика.... Така што и двете имаат посебна приказна. Можеби со ростерот оваа во 2019 не беше толку моќна во смисла да игра 10 натпревари против некого, ама за еден натпревар.... Важно и двете екипи беа подготвени да играат против цел свет“.

За жал нема да ја завршиш кариерата во Вардар, но дали си свесен дека, со оглед на твоите тренерски амбиции, навивачите ќе посакуваат еден ден овде да се вратиш и како тренер?

„Добро, тоа е некое хипотетичко прашање, меѓутоа имам Б-лиценца за тренер, а ова лето ќе земам и А-лиценца. Имам уште три години договор со Загреб и тоа се надевам да го одработам до крај, ако даде Бог. Меѓутоа сигурно се гледам во некоја блиска иднина како тренер, би сакал да ја пробам таа работа. Па ќе видиме, зошто да не? Ако дојде некој момент, дека може овде да се вратам, со голема гордост и со среќа би се јавил на повикот да се вратам овде или како играч или како тренер сигурно.“

Имаше можност да работиш со многу тренери, а и самиот го знаеш ракометот, во тоа веќе се уверивме. Здравје боже, кога ќе дојдат тие денови, каков тренер би бил? Би личел на Талант Душебаев, на Раул Гонзалес, на Парондо?

„На Иван Чупиќ. Цел живот ме споредуваат со некој, со Џомба, со овој, со оној, а јас цел живот имав некои други идоли. Како Петар Метличиќ, Ирфан Смајлагиќ, Модриќ...такви луѓе, кои постигнале многу во спортот. Ми се допаѓаат нивните карактери, мислењето за спортот и затоа така и постанав играч на своја рака. Така што, ако се случи да станам тренер во еден момент, сигурно дека сакам да имам нешто свое. Меѓутоа добро, поминав многу врвни тренери во животот, од нив нешто сум видел, сум запамтил, сум научил нешто добро, нешто лошо и сигурно дека ќе ми служи како некое искуство за во иднина.“

Да можеш да бираш, дали би одбрал врвна кариера во ракомет, како твојата или, можеби, просечна кариера во фудбал, ама каде што има повеќе пари?

„Не, ова што го имав јас во ракометот мислам дека ми е сосема доволно. Нормално, фудбалот не може да се споредува со другите спортови кога се во прашање парите, но оваа љубов што ја имам кон ракометот, она што го постигнав и индивидуално и колективно.... Поставив некои цели за себе и 99 проценти ги исполнив. Ми фали само уште едно злато со Хрватска, за да бидам стопроцентен од она што сум замислил и посакал од мојата ракометна кариера. Имам сè што ми треба, убава фамилија, жена, деца, здрави, поминав сè низ животот, ракометот многу ми дал. А она што ракометот има помалку пари од некои други спортови, тоа на крајот на денот воопшто не е важно.“

Ти си еден од ретките хрватски ракометари, кои имаат врвни кариери, а никогаш не играле во Загреб. Одиш таму затоа што е неостварена желба или?

„Па јас имав повик од Загреб пред овој трансфер, сигурно два-три пати претходно. Меѓутоа, во поранешните случаи кога разговарав имав некоја друга визија и желба зошто да одам ваму или таму и зошто уште не е време за Загреб. Сега, едноставно, кога дојдов во годините пред крајот, ми се отвори некоја можност да оставам таму нешто зад себе. Многу млада екипа имаат, знам дека ситуацијата е слична како во Вардар, некој период на промени е. По короната не е сè убаво, не е сè како што треба, ни Вардар ни Загреб не се како во некои поранешни години. Овде мислам и на финансиски дел и на играчки и на резултатите во Лигата на шампионите, така што си зедов некој мотив да отидам во Загреб, да оставам нешто зад себе. Се најдовме со тие некои амбиции и желби од клубот, се погодивме со некои размислувања и се оствари тој некој зацртан план да се вратам дома по 15 години. Да се обидам да донесам нешто позитивно со себе и, се надевам, со тоа, малку, по малку, да го вратиме Загреб каде што му е местото.“

Како се наместија работите, постои многу реална шанса да станеш балканскиот Сагосен, односно, да играш за Загреб, против Вардар, во четвртфиналето на СЕХА-лигата  Што ќе кажеш на тоа?

„Изгледа така ќе се совпадне, ќе се случи таа работа 99 проценти, дека Вардар и Загреб во август ќе играат во четвртфиналето на СЕХА. Тоа е, морам да се помирам со тој спортски живот. Сум играл против неколку мои клубови, сигурно дека нема да ми е лесно овде, во Скопје. Ќе ми биде драго да дојдам во август да ги видам другарите и пријателите и ракометни и надвор од ракометот, но од друга страна...нема да ми биде мило што еден од тие два клуба нема да оди на Ф4 во Задар. Ама тоа е, такви се правилата со оваа корона, да играш една сезона со еден клуб, а можеби да ја завршам во друг на Ф4. Не е баш убаво, но такви се правилата и што да се прави.“

Го напушташ македонскиот ракомет со крената глава, како повеќекратен шампион, сосема си соодветен да те прашаме за личен коментар за овој развој што му се случува, за оваа миграција на звучни  ракометари, голем дел и од Хрватска, еве ќе дојдат и браќата Њокас...Не се случувало ова порано, малку чудно е, но убаво чудно. Кој е твојот коментар за оваа појава во маекдонскиот ракомет и општо за неговата иднина?

„Пред десетина години Металург тргна со некоја визија за Лигата на шампионите со Лино, двапати играа четврт-финале во Лигата на шампионите и тука почнаа да размислуваат луѓето, да гледаат на македонските играчи и на македонската репрезентација повеќе од само Киро Лазаров. Да гледаат дека во Македонија има добри финансиски услови, дека има амбициозни претседатели, кои сакаат да направат нешто. Потоа дојде Вардар со големи имиња, со две европски титули за да го крене нивото и на македонскиот ракомет и на останатите клубови, еве сега на Еурофарм Пелистер. Мислам дека сега целата ситуација со коронавирусот е поволна за полесно доаѓање на странски играчи, така диктира финансиската ситуација. Мислам дека во последниве две години има забележително изедначување на лигата, подобар Металург, подобар Еурофарм, се надевам следната година и со подобар Вардар. Дај Боже да се врати и публиката и да има уште поинтересно првенство. Тоа на секој играч му дава некоја визија во главата полесно да дојде овде.“