Кривична пријава за директорот на Куманово – го оштетил клубот за 5 милиони денари!
Како што информираат оттаму, пријавениот се товари дека, спротивно на законските прописи и без соодветна одлука на Одборот на директори, донел самоволна одлука за исплата на парични средства како бонус за себе и уште две лица. Според наводите, В.Б. постапувал надвор од овластувањата што му биле доделени од друштвото и во спротивност со Законот за спорт, како и со договорите за донации склучени меѓу клубот и Стопанска банка АД Скопје и Цементарница УСЈЕ АД Скопје. Исплатените средства потекнувале од донации, спонзорства и ваучери обезбедени од Агенцијата за млади и спорт, кои, согласно правилата, не смееле да бидат распределени на таков начин.

Со ваквото постапување, пријавениот наводно му нанел финансиска штета на Куманово 2009 во износ од 4.896.000 денари, при што за себе и за други лица обезбедил противправна имотна корист. Кривичната пријава е доставена до Основно јавно обвинителство Куманово, од каде се очекува понатамошна постапка во насока на расветлување на случајот и утврдување на одговорноста.
Според иницијалите објавени од државните органи и документите од Централниот регистар за клубот, најверојатно станува збор за Виктор Божиновски, поранешен претседател на Здружението на прволигаши и долги години прв човек на клубот, кој сега воопшто и не се натпреварува. Тој веќе неколку години не е на мапата на КФМ токму поради финансиски проблеми, откако испадна од Првата лига, а зад себе има големи долгови кон коминтенти и поранешни играчи, поради што има загубено неколку тужби пред судот на ФИБА. Екипата на МКК Куманово, која во моментов игра во суперлигашката конкуренција, нема никаква допирна точка со клубот со исто име во кој имало наводен криминал.