ЦИЕС: Македонската Прва лига е втора најизедначена во Европа (ФОТО)

Македонската Прва лига е втора најизедначената лига заедно со словенечката елита, објави истражувачкиот центар ЦИЕС, кој направил пресметка за изедначеноста на тимовите во најсилните лиги врз база на процентот на мечеви кои завршиле со три или повеќе разлика.

Според анализата на ЦИЕС, во македонската Прва лига само девет отсто од 144 меча завршиле со три или повеќе разлика, што е доволен доказ дека разликата во квалитет не е така изразена како во поголем дел од европските или светски лиги, а ист процент од девет отсто има и Словенија, додека најизедначена лига е албанската, чиј процент на убедливи победи од вкупниот број на мечеви е само 8,8 отсто.

Зад Македонија според ваква пресметка на изедначен квалитет е португалската и полската лига, кои гледано и споредбено со првите три лиги, се светлосни години подобри и поквалитетни, а од врвните лиги најблизу е Шпанија, чија Ла Лига е на седмото место со само 11,1 отсто мечеви кои завршувале со убедливи победи.

Ла Лига во која игра македонскиот репрезентативец Енис Барди, сезонава е страшно атрактивна, зашто целата сезона е безмалку енобична, во која гигантите како Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, знаеа да загубат од многу помали екипи, кои во минатото ги торпедирале најмалку со петарда, а самата битка за шампионската титула ќе биде пеколна сега во завршницата.

Инаку на светско ниво, убедливо најизедначена лига има во Колумбија, каде само четири отсто од мечевите во најсилната конкуренција завршуваат со убедливи победи од три разлика, а следат Индија, Буркина Фасо, Иран, Ирак, Јужна Африка, ДР Конго и Кенија, кои имаат под шест отсто на мечеви со убедливи триумфи во националните првенства.

На оваа светска листа на изедначеност на националните лиги, Македонија и Словенија го делат – 19-то место