
МЗТ Скопје лесно до бодовите, Трајковски силно удри по „своето“ Куманово!
Сино-белите првпат одиграа во засилениот состав со новите засилувања кои пристигнаа во Аеродром и веднаш покажаа константност и должина на клупата, работи кои ги немаа на досегашните средби. Шутот од далечина беше главната причина за победата на актуелниот шампион, кој постигна 17 тројки, а за два поени шутираше со одлични 71-отсто (23/32).
„Металците“ сосема заслужено дојдоа до бодовите, водеше во текот на целиот натпревар и тоа неретко и со двоцифрена разлика. Кумановци дадоа сѐ од себе, но најмногу што сторија е намалувањето на минус четири (81-85) на седум минути до крајот. Поискусниот гостин брзо се созема и со серија 8-0 брзо повторно ја зголеми предноста, со што конечно го скрши отпорот на домашниот тим.
Поранешниот играч на Куманово, Бојан Трајковски, одигра одличен натпревар и со 27 поени со само три промашувања од поле (11/14) и пет тројки беше најпрецизен во составот на МЗТ Скопје. Никола Павличевиќ имаше фантастично деби со 21 поен со шест тројки, а сличен прв меч имаше и Доминик Мавра, кој средбата ја заврши со 17 поени. Повеќе од забележителен беше и Радосав Спасојевиќ со 19 поени со само едно промашување (8/9). Димитар Караџовски со 24 поени беше најефикасен кај кумановци.
Претходно, АВ Охрид го совлада Пелистер, Карпош Соколи беше подобар од Кожув, Фени ја победи Струмица, Блокотехна го растури Гостивар, Рабитнички немаше проблеми на гостувањето кај Шкупи.
ТАБЕЛА: Блокотехна 5-0, Работнички 5-0, Карпош Соколи 4-1, Гостивар 4-1, МЗТ Скопје 3-2, Фени И. 3-2, АВ Охрид 3-2, Куманово 2-3, Пелистер 1-4, Струмица 0-5, Кожув 0-5, Шкупи 0-5.