Алушовски: Мотор игра модерно, сè тргнува од Маласинскас!
По двата меча со Елверум во рок од три дена, вардарци немаа многу шанса да одморат, туку веднаш се подготвуваа за Мотор. Дополнителен проблем е што патуваат и ќе загубат близу еден ден дури стигнат до Запорожје. Сепак, напорите не ја замаглуваат мисијата, а таа е да се одржи победничкиот почеток во СЕХА, против Нексе и против Војводина.
Сепак, Мотор е далеку поопасен тим, кој игра одлично во ЛШ и бележи победи против екипи како Нант, Загреб, Целје... Стевче Алушовски очекува модерен натпревар и знае дека главната опасност доаѓа од литванскиот среден бек, Ајденас Малашинскас.
„Имавме тежок дуел со Елверум, кој и психички и физички нè исцрпе. Малку е времето за да се подготвиме за Мотор. Патуваме за Запорожје преку Истанбул, а денеска ќе имаме тренинг пред дуелот кој е закажан за утре. Мотор е квалитетна екипа, која има забележителни резултати во Лигата на шампионите, а игра модерен и брз ракомет, со многу транзиција и многу трчање. Имаат нов тренер и играчи, кои прераснуваат во носители на играта. Најважно е како ќе се справиме со Маласинскас, кој е мотор на тимот и сè тргнува од него. Не сме без шанси, ќе дадеме максимум за да дојдеме до позитивен резултат“, вели тренерот на Вардар.