Ристовски: Ова ми е како премија, не очекував по бурниот период дека ќе играм осминафинале
Динамо победи пред една недела со 3-2 во Русија, а вчера славеше со 1-0, па загрепчани вторпат за три години се дел од 16-те најдобри во Лига Европа, заработија досега 11 милиони евра, а Ристовски од доаѓањето двапати е стартер и двапати го одигра целиот меч.
„Ова за мене е како премија! Ова е награда за целиот тим. Навистина не очекував после бурниот период (во Спортинг од август лани беше исфрлен од првиот тим – н.з.) ќе играм осминафинале во Лига Европа. Но, јас сум многу благодарен на тимот кој ми овозможи да се чувствувам како да сум дома“, вели Ристовски по големиот успех.
Десниот бек нема желба за денешната ждрепка од 13 часот за противник во осминафиналето, а се надева дека серијата Динамо ќе ја продолжи и со палсман во четвртфинале.
„Јас се надевам дека оваа серија ќе ја продолжиме, а тоа го можеме и го заслужуваме. За противник немам некоја посебна желба, ќе размислуваме потоа. Имавме позитивен резултат од Краснодар и кога имате таков резултат нема потреба да се отворите. Застанавме во блок, на време дадовме гол и го завршивме мечот“, додава Ристовски.
Тој во Динамо дојде после три ипол години во Спортинг како големо засилување и после еден месец откако пристигна во Загреб веќе ги собра симпатиите и се покажува како големо засилување на загрепчани.