Проблем за Јужноамериканците: Катар и Австралија нема да играат на Копа Америка

Јужноамериканците ќе мора да најдат нови две селекции кои летово ќе учествуваат на Копа Америка, која поради пандемијата со коронавирус се одложи лани, зашто предвидените учесници со покани Катар и Австралија, поради актуелната светска здравствена криза го откажаа учеството.

Поради ограничувањата во патувањата, но и поради презгуснатиот календар, Катар и Австралија се повлекоа од Копа Америка, на четири месеци пред планираниот старт на континенталното првенство, кое ќе се игра во Аргентина и Колумбија летово.

„Би сакале да имаме 12 екипи на турнирот“, изјавил портпаролот на КОНМЕБОЛ, Ариел Рамирес.

Сега има две опции или КОНМЕБОЛ да најде нови две селекции од соседната конфедерација КОККАКАФ (Мексико, САД, Канада, Порторико, Костарика...) или првенството да се одржи со десетте селекции од Јужноамериканскиот континент.

Австралија требаше да игра во групата А со Аргентина, Чиле, Уругвај, Парагвај и Боливија, додека Катар беше дел од групата Б со Колумбија, Бразил, Еквадор, Венецуела и Перу.

Првенството треба да се игра во ист термин како и Евро 2021 од 11 јуни до 11 јули.