
Васоски го менува Вардар со Академија Пандев!?
Според информациите кои во последниве недели кружат, Васоски во новата 2021 година ќе се пресели во Академија Пандев и ќе го преземе кормилото на овој тим со кој начелно има заинтересиранот за соработка (низ кулоарите веќе се зборува и за постигнат договор), но се чека крајот на есенската полусезона по што би се дефинирале деталите и би се официјализирала таа соработка.
Пандевци есенва се ужасно лоши и се претпоследни на табелата пред утрешното последно коло, но тимот има голем потенцијал со многу фудбалери со репрезентативен калибар и во Струмица очекуваат под палката на Васоски, комплетно фокусирани само на фудбалот (без трошење на енергија за нефудбалски работи какви што имаше во Вардар – н.з.) да го склопи мозаикот и струмичани на пролет да бидат тим со поинаков лик, кој ќе се обиде да го освои и трофејот во Купот по вторпат.
Заминувањето на Васоски од Вардар е само кулминација на хаосот во клубот и најава најверојатно за црни и тешки денови за најтрофејниот клуб кој веќе две години е во длабока финансиска криза, а во последниве месеци на раб на пропаст со натоварени долгови од преку четири милиони евра и блокирана сметка, но што е уште пострашно и без најави дека ситуацијата може да се спаси.
Популарниот Тетовче после распадот на ланскиот шампионски тим се нафати до декември да работи за да се спаси Вардар од срам и скрпи тим за оваа полусезона, со најава уште во август дека до декемри ќе мора да се изнајде решение за најтрофејниот клуб или и тој ќе крене раце. Но, иако изминативе месеци сите се надеваа дека ќе има спас за Вардар, очигледно такво нешто нема да се случи, па заминувањето на Васоски е очекувано, а и лоша најава за следниот период на македонската гордост.
Веќе извесно е дека после заминувањето на Васоски од клубот ќе заминат и дел од првотимците кои останаа есенва, пред сѐ Матеј Цветановски, Јован Попзлатанов, репрезентативецот Дарко Мицевски, а и дел од надежите кои добија шанса, а се дел од младинските репрезентативни категории.
Васоски во Вардар е од 2014 година откако рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко го презема раководењето на клубот, па прво му беше помошник на Сергеј Андреев, на Гоце Седлоски, потоа на Чедомир Јаневски, а на крај и во кусиот мандат на Бобан Бабунски, па од реваншот со Пјуник во јули 2018 година стана прв тренер, а се погоди да го води клубот од моментот кога и започна најголемата криза на црвено-црните, која тлее и не се реши досега.