Почна битката за богатството: Марадона отпишал две ќерки од тестаментот!

Аргентинските медиуми објавија дека почна битката за наследството на аргентинската фудбалска легенда Диего Армандо Марадона, кој почина на 25 ноември од срцев удар во неговиот дом. Според информациите на медиумите, тој ги отпишал ќерките Далма и Џанина од тестаментот, а дел од богаството нема да добијат ниту неговата поранешна сопруга Клаудија.

Аргентинецот, наводно, оваа одлука ја донел при неговиот престој во Дубаи. Марадона со Клаудија беше во брак дури 24 години, меѓутоа проблемот се појавил кога на поранешниот фудбалер на Наполи му открила дека недостигаат шест милиони долари од сметката и дека му исчезнале 458 сувенири собрани во текот на неговата кариера.

Марадона ја обвинил Клаудија дека ги украла парите и сувенирите, па поднел и тужба која траела со години, а ќерките наводно ги отпишал затоа што во еден момент избрале да бидат покрај мајка им.

Покрај Далма и Џанина, кои се исфрлени од тестаментот, иако тоа не значи дека нема да се борат за своите права, тука се уште и синот Диего Синагра роден во врската со Кристина Синагра, па Јана од врската со Валерија Сабалаин и Диего Фернандо од Вероника.

Децата не се во најдобри односи, а како дополнителен проблем се јавија и уште шест кои тврдат дека Марадона им е татко и бараат ДНК-тест за да се докаже тоа.

Исто така, адвокатот Матиас Морла е сопственик на правата на брендот на Марадона во Аргентина и САД, па така не може да се исфрли од распределбата на богатството.

Марадона зад себе остави фабрика за тестенини во Венецуела, луксузен хотел во Хавана, пет недвижнини на елитни локации во Буенос Аирес, а во Белорусија каде што беше директор на Динамо Брест, му останал прстен вреден 300.000 евра и воено возило.

Во Кина има неколку фудбалски академии, на кои им го продаде правото на користење на неговото име, додека во Дубаи му остана „Ролс Ројс“ вреден 300.000 евра, БВМ од 14.5000 евра и останати скапоцени подароци, со што целото богатство се проценува на 75 милиони евра, со што се руши теоријата на англиските медиуми дека Аргентинецот ги потрошил сите пари кои ги заработил во тек на кариерата.