Тајсон: Го разбудија лавот во мене, мора наскоро пак да влезам во рингот!

Еден од најспектакуларните боксери на сите времиња, Мајк Тајсон, ноќеска, по пауза од 15 години, се врати во рингот и тоа против уште еден ветеран, Рој Џонс Џуниор, меч кој заврши нерешено и кој повторно ја разбуди страста во срцето на „Железниот Мајк“.

„Нерешеното е очекуван и најправеден исход од овој дуел. Среќен сум што повторно бев во рингот. Без разлика што сегашните две минути по рунда траат како некогашните три, повторно ќе се борам. Го разбудија лавот во мене, мора да го повториме мечот, сакам реванш“, рече Тајсон по борбата.

Но, Џонс, засега, не планира да го повтори ова искуство, кое за него и не беше баш пријатно.

„Ударите на Тајсон и натаму се разорни. Не знам дали можам да го повторам ова“, изјави Џонс.

Тајсон за оваа борба заработи околу десет милиони долари, додека Рој Џонс заработи околу три милиони долари.