Македонија без Пандев против Грузија: Капитенот не смее да ја напушти Џенова!
Причина за вакво нешто е ширење на коронавирусот, кој повторно силно ја погоди земјата, но и фудбалот. Прв клуб кој доби забрана да ги пушти своите интернационалци беше Фиорентина по наредба на медицински власти во регионот на Фиренца. Кај „виолетовите“ позитивен на Ковид-19 е Хозе Марија Калјехон.
Фиорентина е во „меур“ и ќе мора да остане во карантин цели 10 дена, односно фудбалерите нема да смеат да го напуштат тренинг-кампот.
Попладнево и останатите клубови добија забрана од локалните власти, а меѓу нив е и Џенова. Ова е сериозен проблем за македонската фудбалска репрезентација која на 12 ноември гостува во Тбилиси кај Грузија во финалето од баражот за пласман на Европското првенство идното лето.
И други клубови добија вакви забрани, а тоа се Лацио, Рома, Сасуоло и Интер. За потсетување, минатиот месец локалните власти во Неапол му забранија на Наполи да патува на дербито против Јувентус во Торино, откако Елиф Елмас и Пјотр Зјелински беа позитивни на Ковид-19.
Се очекува УЕФА да реагира на ваквиот потег на властите во Италија.