Кошаркарите наместо на гости, против Естонија и Италија ќе играат во - „балон“!
Оваа одлука денеска ја официјализира Светската кошаркарска федерација (ФИБА), следејќи ја препораката на лекарската и комисијата за натпреварување. Играњето според овој систем се однесува и за циклусот закажан следниот февруари, во кој жолто-црвените би требало да ги одмерати силите со Италија и со Русија на домашен терен.
„Секој т.н. 'балон' ќе биде сочинет од четири или осум екипи, што значи дека во него ќе се играат средби од една или две квалификациски групи. Домаќинот на турнирот ќе биде одреден според регионален принцип и дополнително ќе биде одреден“, се вели во соопштението на ФИБА.
Македонија досега одигра два натпревари во квалификациите за ЕП 2022 и двата ги загуби, прво дома од Естонија, а потоа на гости од Русија. Пресметката со Естонците закажана за 30 ноември ќе биде клучна за евентуалниот пласман на избраниците на селекторот Александар Тодоров на следниот континентален собир, со оглед што на тој меч ќе ни треба победа и тоа со најмалку двоцифрена разлика.
Одлуката за играње на едно место во принцип ѝ одговара на нашата селекција, но само под услов улогата на домаќин на турнирот на кој би играле ние во ноемврискиот циклус не ѝ биде доделена токму на Естонија.