Нов старт: Скрпен Вардар, проширена лига, изедначеност и – (пре)слаб квалитет!

Пет месеци откако фудбалот во Македонија остана заклучен, конечно „бубамарата“ повторно ќе се стркала на македонските терени, со денешниот старт на новата и проширена сезона, која ја отвораат најдобриот од изминатата прекината сезона Вардар и велешки Борец на Националната Арена „Тодор Проески“ (17.30 часот)

Нова сезона, 12 клуба, трокружен систем со два бергери и повторно изедначеност на тимовите што нуди поголема неизвесност, но далеку од некој вистински квалитет на нашата фудбалска елита ќе понуди оваа сезона од која најслабите два тима ќе испаднат, а двата над нив во зоната за опстанок ќе играат баражи за спас со второпласираните тимови во двете второлигашки конкуренции.

Новата сезона во која ќе има нова борба за титулата, за местата во Европа, за спас во елитното друштво и ќе зависи од ситуацијата со коронавирусот посебно после октомври (дали лигата нормално ќе се доигра како што треба), многу промени доживеаа клубовите, посебно најдобриот од претходната сезона, Вардар кој поради беспарицата и неуспешниот обид за спас, практично остана без две третини од тимот што доминираше лани, па сега со скрпен тим ќе се бори за својот углед и чест во сезоната во која ретко кој верува и се надева на некаков успех.

Ако лани, Вардар беше прежален барем за титулата, низата екстраталентирани надежи со малку искуство (Гачевски, Новак, Брдаровски), со квалитет (Аврамовски, Мицевски, Најдовски) успеа да направи бум и да им одржи лекција на сите ривали, за годинава црвено-црните влегуваат со шест староседелци, еден куп непроверени младинци на сениорски план и пет засилувања од кои барем две треба да донесат и искуство и квалитет, но со многу прашања дали тимот ќе успее да издржи во долгата и напорна битка. Посебно зашто овој тим е конструиран во „пет до 12“, само до декември и повторно со голема неизвесност, што од јануари 2021 година.

Вардарци го пречекуваат Борец на кој треба да го промовираат својот потенцијал, иако како вовед исходот од мечот нема да значи ништо, зашто и лани, тргнаа со пораз од Македонија ЃП, а потоа буквално изгазија сè за да стигнат до двоцифрена предност пред ривалите.

Како и низа години наназад, Шкендија е прв кандидат за титула, само што овојпат, тетовци со ептен намален буџет влегуваат во сезоната, без некои преголеми и бомбастични трансфери, а и со реконструиран тим во кој новаците Дориев, Дака, Пивариќ, повратникот Бејтулаи, допрва ќе треба да се воигруваат. Задржувањето на Бесарт Ибраими и Арменд Алими во тимот е клуч и за оваа сезона, но Шкендија барем на хартија не е ништо посилна од Шкендија која во август лани тргна во сезоната, па потоа се бламираше.

Прв предизвик за новиот лик на тетовци е Шкупи, клуб кој како и црвено-црните, направи реконструкција на тимот и донесе неколку засилувања од странство, како Костариканецот Алварез, Русинот Џамал Дирбигаџиев и Турчинот од младинскиот тим на Галатасарај, Фират Гулу, а после една деценија го врати во Макеоднија и бившиот репрезентативен голман Кристијан Наумовски.

Силекс и Ренова како македонски европретставници покрај Шкендија и Шкупи, направија ситни реконструкции во кои кратовци го добија еден од најдобрите фудбалери на Македонија ЃП, Дејан Тантуровски како надополнување на тимот, чиј костур остана од лани, додека Ренова на заминувањата на Флоријан Кадриу и Бојан Миовски од првиот тим, го вратија Емран Рамадани, а го земаа напаѓачот Ален Јашаровски за новите предизвици. И двата клуба, како и лани, така и годинава се очекува да бидат незгодни за сите, посебно „домашни екипи“, кои ќе играат важна улога во битка за врвот.

Академија Пандев се потпре на стратегија да игра со млад тим и тоа на репрезентативен погон, па во Струмица дојдоа Никола Серафимов, Кире Маркоски, Марјан Радески, Бојан Димовски, Кристијан Трапановски, како и засилувањето од Ц. Звезда, Милош Томиќ и кога ќе се додадат Марио Крстовски, Дејан Миловановиќ, Ѓорѓи Стоилов..., екипа која може да биде хит во оваа сезона, ако Александар Таневски успее да го склопи мозаикот.

Новите прволигаши и повратници во елитата Беласица и Пелистер исто така се засилија, но ништо спектаклуларно, но направија компактни тимови со кои ќе се борат буквално за секој бод, додека Работнички после разочарувачката ланска есенска сезона, го има Муарем Муарем како најголемо засилување, но го загуби суперталентот Кристијан Тошевски, кој замина во руски Ростов од тимот во кој воглавно остана речиси целиот костур под палката на Ратко Достаниќ.

Дебармаалци за разлика од лани, сега имаат повисоки амбиции, па ако играат како пролетоска и влезат во жетва на бодови, лесно може да се вмешаат во битка за највисок пласман.

Сепак, колку и да имаше претумбации, нови аквизиции, прволигашката сезона тешко е за очекување дека ќе донесе кој знае каков квалитет, па дури проценките се дека ќе биде и послаба од лани, ама со исто ниво на изедначеност меѓу екипите, па практично во секое коло секој секого ќе може да го победи. Дали странските засилувања ќе го кренат нивото на квалитет или и тие ќе стопат во севкупното сивило на македонскиот фудбал во кое освен што се поскапо платени, им земаат места и на домашните таленти ќе покаже и оваа сезона.