Тодоров: Позитивните ветришта по локалните избори ќе ни донесат две нови засилувања!

Тренерот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, покажуваше знаци на нервоза по вечерашниот пораз на домашен терен до Цибона, но и покрај тоа се обиде да најде позитивни работи особено во фактот што по пет кола неговиот тим има скор 2-3.

Според него, некој ако му понудел вакво нешто пред почетокот на сезоната со две раце би го прифатил тоа.

„Разочаран сум што вторпат по ред загубивме на домашен терен. Но, полека увидовам дека ова е максимумот што може да се извлече од екипата што ја имам на располагање. Од авион се гледа дека ни требаат засилувања на две позиции, кои верувам дека ќе ни ги донесат позитивните ветришта о неодамна завршените локални избори. Се надевам дека на следниот меч дома (против Мега Бемакс – н.з.) ќе бидеме значително засилени. Од оваа гледна точка, жал ми е што не одигравме еден просечен натпревар за нас со над 80 постигнати поени, но во второто полувреме имавме 1/9 за тројка што допринесе да не ја минеме посакуваната граница. Искрено жалам што немаме четири победи, по поразите од Задар и од Цибона, но мислам дека доаѓаат подобри времиња за нас“, изјави Тодоров по средбата.