Одбојкарите нема да доигруваат, првенството се прекинува без - шампион!

Клубовите генерално го подржале предлогот на Одбојкарската федерација на Македонија за предвремено завршување на сезоната 2019/2020 со тоа што ќе нема прогласување на шампион во сите категории.

На денешниот состанок преку видео-конференција е утврдено дека не постојат услови за продолжување на сезоната поради состојбата со Ковид-19.

„Според предлогот на Извршниот одбор, за којшто клубовите денеска дадоа зелено светло, резултатите од постигнатите натпревари во сезоната ќе бидат земени предвид и врз основа на нив ќе биде натправена ранг-листа за пријавување на екипите за евентуалните настапи во европските купови. Тоа ќе биде сторено и во младинска конкуренција. Иако освојувачот на ланската титула Џио Струмица изрази мислење дека сезоната треба да биде целосно поништена, а со тоа да важат резултатите од натпреварувачката 2018/2019, а ОК Вардар сметаше дека треба да има прогласување шампион, голем број од клубовите се согласија со изворниот предлог на ОФМ“, се вели во дел од соопштението на Федерацијата.

Конечната одлука според Статутот на Федерацијата треба да ја донесе Извршниот одбор, а истата ќе биде објавена деновиве.

По одигрување на четири кола од втората фаза во сениорските лиги, водечки беа екипите на Вардар во машка и женска конкуренција. Кај мажите, втор беше составот на Џио Струмица, трет Универзитет во Тетово, а четврта Лирија, додека кај дамите, зад одбојкарките на Вардар се наоѓаше ланскиот првак Работнички Скопје, а во првиот квартет беа и Наковски волеј и Струмица жени.