Македонија од вториот „шешир“ во квалификациите за ЕВРО 2022!

Европската ракометна федерација ја соопшти процедурата за ждрепката за квалификациите за ЕВРО 2022, кое ќе се одржи во Словачка и во Унгарија. Македонија доби стартно место од вториот по квалитет „шешир“.

На 16 јуни, во Виена ќе ги дознаеме противниците во новиот квалификациски циклус, оној за ЕП 2022, кое ќе биде втор континентален собир со 24 учеснцити. 

Македонија е рангирана во вториот од четири квалитативни „шешири“ и засега знаеме дека не може да биде во иста група со Австрија, Русија, Португалија, Србија, Русија, Црна Гора и со Холандија.

Важно ќе биде кој ривал би го добиле за носител во групата, бидејќи во првиот „шешир“ се наоѓаат репрезентации од највисок ранг, како Норвешка, Шведска, Данска, Германија, Франција, но има и селекции кои Македонија ги победувала, како Словенија, Чешка и Исланд.

Со оглед на проширениот формат на ЕП, поширока е рамката со репрезентации кои ќе се пласираат. Првите две селекции од осумте групи одат директно во Унгарија и во Словачка, а место ќе има и за најдобрите четири третопласирани. Без да играат квалификации на ЕП се пласирани двете домашни репрезентации, Шпанија како шампион и Хрватска како финалист од последниот шампионат.