МЗТ со големи шанси да се врати во АБА-лигата и тоа на местото на – Приморска!

Седумчасовниот маратонски состанок на Собранието на АБА-лигата, кој предмалку заврши, и официјално го промовира македонскиот тим МЗТ Скопје како прва резерва за пополнување на елитното јадранско натпреварување, со сосема реални шанси да се најде во друштво на најдобрите од просторот на поранешна СФР Југославија.

Елитата на Јадранот денеска реши да го откаже останатиот дел од сезоната, без да биде одреден пласман и да се зголеми бројот на учесници на 14 со доделување вајлд-карти. По жестока дискусија и често споменување на македонскиот тим како идеален кандидат за добивање на една од нив, директен пласман во АБА, сепак, добија Борац Чачак и Сплит, кои беа на првите две места во АБА2 во моментот на прекинот поради пандемијата со коронавирусот.

Најдобрите клубови од Јадранот, сепак, не го оставија МЗТ Скопје со празни раце, туку донесоа одлука дека составот од „Јане Сандански“ веднаш ќе биде промовиран во „прволигаш“ во случај некој од тимовите да се откаже. Јавна тајна е дека Приморска Копер е во големи финансиски проблеми, кои трајат уште од минатата година и дека ќе биде чудо да обезбеди средства за настап, што воедно значи дека аеродромци имаат сериозна шанса да се вратат во друштво на Црвена звезда, Партизан, Будуќност, Цедевита Олимпија...

Од евентуалната разврска на ваквата ситуација зависи и тоа дали Македонија ќе може да смета на пополнување на едно, покрај тоа на МЗТ или на две места во второлигашката јадранска конкуренција, за која веќе голем интерес искажаа екипите на Работнички и на Гостивар. Ако „металците“ го добијат местото на Приморска во елитата, тогаш ќе им направат услуга на гостиварци, кои според пласманот на табелата во Првата лига ќе мора да (по)чекаат што ќе решат нивните одлични спортски пријатели од „Градски парк“.

Одлуката да се прекине сезоната без да биде одреден пласман беше донесена со осум гласа, два гласа доби предлогот на Партизан да има шампион, а исто толку гласа имаше и за предлогот првенството да се поништи и во следното да играат истите екипи кои играа годинава до март.