Првиот македонски натпреварувач на Зимските младински олимписки игри (ЗМОИ) во Лозана, скијачот Мирко Лазаревски, заврши како претпоследен во денешната трка во супер-велеслалом, која воедно се бодува и за алпска комбинација заедно со утрешниот слалом.

Нашиот претставник го освои 56. место со 8,87 секунди побавно време од победникот Адам Хофштед (Шведска), а беше подобар само од уште еден скијач кој ја заврши патеката, а кој доаѓа од Иран. Шест натпреварувачи воопшто не ја завршија патеката.

„Ова беше големо искуство за Лазаревски и загревање за следните трки кои го очекуват на овие игри“, вели Сашо Поповски, генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет (МОК), кој е во Швајцарија заедно со новиот потпретседател и воедно предводник на македонската кошарка, Перо Антиќ.

Лазаревски, кој утре од 10.30 часот ќе ја вози слаломската трка, е единствениот наш претставник во алпско скијање на годинешните ЗМОИ, а покрај него во Лозана ќе настапат уште и Анамарија Зафировска (биатлон), Дарко Крстески (биатлон), Михаела Даноска (крос-кантри) и Андонаки Костоски (крос-кантри).