Кокшаров: Точно е, јас сум привремен тренер на Вардар, така сакаше Самсоненко!

Во текот на вчерашниот ден како „гром од ведро небо“ одекна веста дека Давид Писонеро повеќе не е тренер на Вардар, односно дека неговото место го зазема Едуард Кокшаров, а Шпанецот е прекомандуван на позицијата асистент во редовите на актуелниот европски шампион.

Русинот ги образлоши причините за ваквиот потег.

Точно е, го превземам Вардар. По смената на претходниот тренер, немаме друго решение. Поразот од Кил остави голем белег, поради што мораше да реагира и претседателот на клубот, Сергеј Самсоненко. Оваа одлука не е спонтана. Тимот не е на посакуваните патеки иако имаме речиси ист тим како минатата сезона. Костурот на тимот е тој, но играта која ја негувавме лани не е иста. Постојат и субјективни и објективни причини за тоа. По промената на голем број играчи, на тимот му треба време да се воигра. Се сретнав со Самсоненко и разговаравме за ситуацијата. Како што го разбрав, промената на тренерот веќе беше однапред одредена. Дојдовме до заклучок дека е потребно време да се најде вистинската замена. Во меѓувреме, претседателот на клубот ми предложи јас да го водам тимот. Се разбира, конкретно изјавив дека во голема мера бев фокусиран на работата со руската репрезентација. Ваквата комбинација бара многу работа, особено во пресрет на Европското првенство. Навистина е голем товар за мене. Но, ако денес клубот има потреба од моја помош, ќе се грижам и за тоа, изјави Кокшаров за руските медиуми.

Веќе првата задача ќе му биде пеколно тешка, на гости кај Веспрем, во петтото коло од ЛШ, в сабота. Тој вели дека не може нешто да се смени за неколку дена, но дека ќе се обидат да го кренат нивото на играта.

Оваа нова обврска за Кокшаров доаѓа во незгоден период, на неколку дена со ЕХФ-неделата и на помалку од три месеца до ЕП на кое ќе учествува како селектор на Русија.