Вардар и во следната недела ќе ги заменува ваучерите за пластифицирани билети

Македонскиот шампион Вардар објави денеска дека замената на ваучерите за купените блок-влезници за мечевите на црвено-црните во Лига Европа е продолжена и во идната недела, поради барањето на навивачите кои не успеаа да ја направат таа промена.

Првично замената требаше да трае до утре, но од клубот денеска објавија дека се пролонгира издавањето на пластифицираните влезници за мечевите во Лига Европа до 8 октомври, а замената сега наместо на билетарата на Националната Арена „Филип Втори“ ќе се врши во Академијата на Вардар секој ден од 10 до 18 часот.

Како што информираат од клубот, потегот е на барање на навивачите, кои не успеале досега да ги заменат истите, но ќе мора да бидат заменети со оглед дека на следните два меча со Реал Сосиедад на 19 октомври и со Розенборг на 7 декември ќе се влегува исклучиво со пластифицираните билети.

За првиот меч со Зенит пред две недели, навивачите можеа да влезат со ваучери. Инаку во моментов во продажба се пуштени влезниците за двата други дуели во Лига Европа на црвено-црните, а цените на влезниците се исти како и за Зенит од 600 до 1.200 денари.