Проектили на Алајбеговиќ и Бога за голема победа на Јуве против Наполи (ВИДЕО)

Јувентус славеше над Наполи со 2-0 во дербито од 10. коло во Серија А и конечно стави крај на серијата разочарувачки резултати. На „Алијанц стадион“ во Торино, во натпреварот со кој клубот го одбележа 129. роденден, домаќините ја обезбедија победата со два прекрасни погодоци во завршницата.

Првото полувреме не донесе погодоци, но понуди неколку одлични можности на двете страни. Наполи прв се закани преку Лоренцо Лука, чиј удар со глава беше одбранет од Гуљелмо Викарио. Јувентус возврати, а најблиску до водство беше Хуан Кабал, чиј обид по корнер заврши во стативата.

Се закануваше и Керим Алајбеговиќ, но Алекс Мерет со одлична интервенција го сочува својот гол, па на паузата резултатот остана 0-0. Одлуката падна во вториот дел, кога младиот Алајбеговиќ покажа зошто важи за еден од најинтересните таленти во европскиот фудбал. Во 70. минута, по додавање од Едон Жегрова, тој испрати вистинска „бомба“ од работ на шеснаесетникот, погодувајќи во горниот агол за водство на Јувентус.

Само пет минути подоцна, Наполи остана со играч помалку. Лука Маријанучи го доби вториот жолт картон по прекршокот врз Хуан Кабал и предвреме го заврши настапот. Тоа дополнително ја отежна задачата на гостите, кои се обидуваа да се вратат во натпреварот. Јувентус ја искористи бројчаната предност и во 87. минута го постави конечниот резултат. Жереми Бога со прекрасен удар од далечина ја испрати топката во спротивниот агол и ја запечати победата на торинскиот тим.

Со овој триумф, избраниците на Лучано Спалети се вратија на победничкиот пат по поразот од Џенова и неколкуте слаби резултати во првенството. Двата гола беа вистински ремек-дела, а особено внимание привлече Алајбеговиќ, кој го постигна својот прв погодок во Серија А.

За Наполи ова е болен пораз во директната пресметка со конкурентот за врвот. Пред дербито двата тима имаа по 14 бода, па победата е значајна за Јувентус во обидот да се приклучи кон водечките екипи во италијанското првенство.