Кошаркарите не играа на СП, ама паднаа 11 места на ФИБА-листата поради - ЕП во Литванија!
Жолто-црвените во моментов се на 53. место на листата на најдобрите национални тимови во светот, што е далеку полош пласман од претходното издание во кое бевме 42. Ваквиот пад доаѓа дури и по неактивност од февруари годинава, а главна причина за тоа е фактот што ги загубивме бодовите од четвртото место на ЕП 2011 во Литванија. Листата на ФИБА се пресметува според остварувањата во изминатите осум години, а првенството на кое запишавме историја повеќе не се вбројува меѓу настаните кои се бодуваат.
Нашата селекција го дели четвртото место на мини-листата репрезентации со најголем пад, зад Јамајка (-15), Летонија, Финска (-13), а заедно со Мексико (-11). Најдобра во светот останува селекцијата на САД со 786 бодови, но со драстично помала предност пред Шпанија (731). Зад овој двоец се Австралија, Аргентина, Франција, Србија, Грција, Литванија, Русија и Чешка, која ја затвора првата „десетка“.