Кошаркарите на Франција ја направија најголемата сензација во досегашниот дел од Светското првенство (СП) во Кина, откако попладнево го елиминираа најголемиот фаворит за златото, селекцијата на САД (89-79) уште во четвртфиналето.

„Галските петли“ истовремено го урнаа сонот и на Србија за пласман на Олимписките игри во Токио, со оглед што пласманот меѓу четирите најдобри во светот најверојатно им носи и место на олимпискиот турнир за кој виза обезбедуваат двете најдобри европски репрезентации на Мундобаскетот. За тоа сега им треба пораз на Чешка во дуелот со Австралија (15 часот), нешто што е сосема реално да се очекува. Во спротивно, за сигурно место во јапонската престолнина ќе им треба и пласман во финалето.

Французите на фантастичен начин ги одиграа последните пет-шест минути од средбата во кои со серија 22-5 негативата од седум поени (67-74) ја претворија во фантастична победа која на крајот беше изразена со двоцифрена разлика. Фурние беше прв стрелец во победничкиот тим, но Гобер со 21 поен и 16 скока беше убедливо најдобар кај „петлите“. Донован Мичел со 29 поени беше најпрецизен кај Американците.

Франција во задутрешното полуфинале ќе ги одмери силите со Аргентина, додека кошаркарите на САД ќе го добијат дуелот со Србија, кој ќе се одигра утре, но тој ќе биде за пласман од 5-8 место.