Приказните за реформи во ЛШ се пробен балон за – европска Суперлига на УЕФА од 2024 година?!

Откако се појавија информациите дека од 2024 година ќе се реформира Лигата на шампионите и практично сѐ повеќе ќе се затвори како друштво на богатите и гигантите во однос на „малите“, британски „Индепенднт“ објави дека идејата за реформи всушност е пробем балон на УЕФА за јавноста за својата идеја со ЕКА – Суперлига!

Засега целиот проект е „замрзнат“, зашто УЕФА ги разгледувала ставовите од националните федерации и другите клучни фигури во фудбалот, пред да седне на маса со челниците на Европската клупска асоцијација (ЕКА) и противниците на идејата здружението на европски професионални лиги (ЕПФЛ). Состанокот беше закажан на 11 септември, но е одложен на барање на првиот човек Александер Чеферин за да се добие уште време во разгледувањето на сите опции.

Според „Индпенднт“ проектот стои со 24 постојани учесници кои би имале загарантирано место како во кошаркарската Евролига од вкупно 32 тима. Останатите осум ќе бидат, четирите најдобри од Лига Европа (полуфиналистите) и четири „мали“, ама тие „мали“ всушност треба да исполнат неколку критериуми. Небитен е пласманот во тековната сезона во домашното првенство, туку ќе се земеле в предвид резултатите во последните четири години, па традицијата на клубот и пред сѐ – моменталната моќ.

Приказните дека ќе има квалификации по некој сличен модел, за еден-два помали клубови да бидат дел од елитната ЛШ повеќе стануваат само „приказна за сиромашните“, зашто оваа другава идеја повеќе наликува на „вајлд карти“ за екипи од вториот ешалон на гиганти, кои не се во групата на брендови и богаташи, ама се доволно моќни да донесат приходи.

Како и да се реформира ЛШ, веќе е јасно дека македонскиот првак кој и онака имаше многу тешок пат до елитното друштво, практично е невозможно да се најде во тоа друштво, зашто ако се суди по резултати и традиција, има повеќе клубови со извонредни настапи од регионов кои би имале предност пред македонскиот шампион од Динамо, Ц. Звезда,Марибор, Партизан...

Засега најголеми противници на реформите се националните првенства, кои би ја загубиле смислата и натпреварувачкиот дух, ако гигантите имаат сигурни договори со Суперлигата на УЕФА. Но, прашање е дали ќе може да одолеат и да победат во битката против моќните фудбалски богаташи, кои немаат интерес да играат против мали клубови, како и против корпоративната УЕФА, која ја интересира најмногу заработката.