Навивачите на Вардар може да здивнат: МТВ ќе ги пренесува сите мечеви на црвено-црните

Навивачите на Вардар може да здивнат и нормално да ги гледаат преостанатите пет мечеви на македoнскиот шампион во Лига Европа, почнувајќи од дуелот со Розенборг во Трондхајм во второто коло во групната фаза, затоа што МТВ ќе ги пренесува сите дуели на црвено-црните.

МТВ ќе го пренесува дуелот в четврток од 19 часот со Розенборг, иако тој термин го немаше националниот сервис во пакетот откупен од УЕФА, но тие успеаа да издејствуваат историската есен во клупскиот фудбал за Македонија да им го овозможат на сите љубители на фудбалот во земјава со шесте меча на првакот во групната фаза.

МТВ досега го имаше само вечерниот термин од 21.05 часот, но такви во групата има три, а проблематични беа три други дуели на вардарци, вклучувајќи го и претстојниот со бившиот норвешки шампион. Сето ова значи дека македонската јавност и приврзаниците на црвено-црните нема да мора сега да бараат „Арена спорт“ за да го гледаат мечот или пак по интернет да бараат солиден стрим.

Вардар дебитираше пред две недели во Европа против руски Зенит во Скопје, кога загубија со убедливи 0-5, а до почетокот на декември покрај претстојниот дуел со Розенборг на гости имаат и меч со Реал Сосиедад дома на 19 октомври (19 часот), потоа две гостувања во ноември на 2-ри во Сан Себастијан против шпанскиот тим (21.05 часот), па средба во Санкт Петербург кај Зенит на 23 ноември (19 часот) и потоа на 7 декември ќе го одиграат последниот меч со Розенборг во Скопје (21.05 часот).