
Шкендија го заверува второто коло за спектакл со шкотски Селтик
Тетовци се апсолутни фаворити и сѐ освен денешен нов триумф би било изненадување, сооглед дека и на гостувањето доминираа фудбалски, имаа посед на топка, се закануваа, но немаа реализација. Триумфот над Номе Калју за Шкендија ќе значи и официјално веќе сигурни 1,2 милиони евра награда после само седум дена на европската сцена, што е одличен приход за најдобрата екипа во земјава веќе втора сезона по ред.
„Имаме предност од 1-0, но максимално сконцентрирани ќе мора да го одиграме и овој меч со Номе Калју, зашто во фудбалот секогаш има изненадувања и таа предност не мора ништо да значи од првиот меч. Очекувам победа и пласман во следното коло“, најави тренерот Ќатип Османи.
Тетовци веќе извесно е дека и денеска ќе истрчаат со истите сили против естонскиот тим во овој реванш и дека ќе се потрудат до полувреме да ја завршат работата, меѓудругото и да сочуваат сили за пресметката со Селтик веќе следната недела. Естонците на првиот меч не покажаа премногу на фудбалски план, освен што добро се бранеа и цели 80 минути одолеваа на нападите на црвено-црните.