Закариќ: Костурот на Вардар остана непроменет, очекуваме добри резултати и дома и во Европа
„Сите знаеме дека овој дел од подготовките е најтежок во фудбалот, но ние сме професионалци и навикнати сме на напорна работа. Во Италија тренираме според планот, играме и контролни натпревари и се надевам дека максимално ќе го искористиме овој период за да бидеме подготвени за она што нè очекува“, изјави Закариќ.
Тој е задоволен што шампионскиот тим во најголем дел останал на број.
„Костурот на екипата која ја освои титулата остана речиси непроменет, што е многу важно за нас. Заминаа само еден или двајца играчи, а новите фудбалери брзо се вклопија. Верувам дека сите заедно ќе си помогнеме и ќе направиме добри резултати, најпрво во Европа, а потоа и на домашната сцена“, додаде Закариќ.
Осврнувајќи се на противникот во првото квалификациско коло, Закариќ нагласи дека КуПС е тим кој заслужува максимален респект.
„Станува збор за сериозна екипа која минатата сезона настапуваше во Конференциската лига и оствари добри резултати. Имаат свои квалитети, но и слабости како секој тим. Нашата задача е добро да ги анализираме и да се подготвиме најдобро што можеме. Особено е важно да дојдеме до позитивен резултат на првиот натпревар во Скопје, а со помош на нашите навивачи верувам дека тоа е можно“, истакна Закариќ.
Тој потсети дека реваншот во Финска ќе се игра на вештачка подлога, што дополнително ја зголемува тежината на предизвикот.
„Нè очекува незгоден двомеч и затоа мора да бидеме максимално подготвени и фокусирани. Најважно е подготовките да ги завршиме без повреди, а потоа целосно да се насочиме кон првиот меч со КуПС“, порача фудбалерот на Вардар.