„Газдата на Работнички им се тресе само на странците, останатите сме граѓани од втор ред!“

Скопскиот фудбалски прволигаш Работнички сезонава што измина може да ја крсти како една од понеуспешните во историјата, зашто „романтичарите“ не се пласираа во Европа, а стрепеа за опстанокот дури до последните неколку кола. 

Дејан Блажевски, напаѓачот на „романтичарите“, кој го засили клубот зимоска кога потпиша едногодишен договор, наишол на благо кажано, потценувачки однос од страна на управата.

„Имав состанок со газдата на клубот, со Драган Поповски, во врска со мојата иднина и неговите планови во врска со Работнички. Ми рече дека нема веќе пари за да инвестира во клубот и ми понуди 200 евра (!?) за да си заминам. Не можев да верувам, каков е тој однос спрема играч од твојот клуб. А имам уште шест месеци од договорот, можам слободно да останам и да си ги земам платите од договорот“, вели популарниот Шиле.

За небулозата да биде поголема, кога реагирал зошто такви потценувачки понуди добиваат само домашните играчи, додека странците целосно се исплаќаат добил неверојатен одговор.

„Тие се странци, тие можат да нѐ тужат, да ни наштетат. Ним морам да им дадам сѐ според договорот. Е тоа го слушнав. Како ние домашните да сме од втор ред граѓани па ние може да трпиме“, вели Блажевски.

Поранешниот фудбалер на Вардар од златната генерација која успеа да игра во Европа Лигата, има неколку понуди за продолжување на кариерата во други екипи, но сака да расчисти прво со актуелниот клуб.