Феникс го отпушти првиот Европеец тренер во НБА-лигата

Игор Кокошков повеќе не е тренер на Феникс, откако раководството на тимот реши да му врачи отказ по само една сезона на клупата. 

Србинот минатото лето испиша историја во НБА-лигата, бидејќи стана првиот неамериканец главен тренер на еден тим. Сезоната ја заврши со рекорд од 19 поени и 63 порази. 

„По долга анализа решив дека е време да одиме во друг правец со тренерската позиција. Би сакал да му се заблагодарам на Игор за неговата работа во изминатата сезона и му посакувам многу успех во иднина“, изјави генералниот менаџер на Санс, Џејмс Џоунс.

Феникс тргнува по ангажман на Монти Вилијамс, кој моментално е помошник тренер во Филаделфија. За Вилијамс има интерес и од Лос Анџелес лејкерс, кои бараат замена за Лук Волтон. Следниот тренер на Феникс ќе биде седми во последните осум сезони.