Дибиров: Бевме убедени дека сè е нормално, а потоа Давор ни соопшти – проектот Вардар завршува!

Како гром од ведро небо вардаровата јавност ја погоди најшокантната можна вест, шест дена пред првиот дуел за трет фајнлфор во Келн со Пик Сегед, откако рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко преку отворено писмо на сајтот на црвено-црните објави дека повеќе нема да го финансира европскиот шампион од 2017 година.

Русинот кој седум години инвестираше во ракометот, шест во машкиот тим на Вардар, се повлекува на крајот на сезоната, а Тимур Дибиров за руските медиуми објасни каков шок ги дочекал ракометарите на состанокот на кој им била соопштена одлуката дека проектот Вардар завршува во јуни. За заминување на Самсоненко се шпекулираше со месеци, но кога најмалку се очекуваше дојде веста за негово заминување.

„Се што знаевме беа само шпекулации за заминување на Сергеј, па не верувавме во такви работи. Јас релевантни информации добивав само од сајтот на Вардар, бевме убедени дека се е нормално во клубот. Ништо не навестуваше на проблеми! Беше многу брзо и неочекувано. Добивме повик за состанок во групата, а таму директорот Давор Стојановски дека на крајот на сезонава завршува проектот Вардар. Да бидам искрен сето тоа многу не изненади. Но што можеме да направиме, професионалниот спорт бара финансии и инвестиции. Животот продолжува, веројатно има објективни причини зашто се случува ова. Но не е наше да истражуваме. Со Сергеј Самсоненко не сме се сретнале, но верувам дека наскоро ќе имаме состанок“, вели Дибиров.

Рускиот виртуоз со топката посочи дека уште од распадот на шампионскиот тим почнале шпекулациите за проблемите во Вардар, но црните сценарија не биле поврзани со заминувањето на дел од ракометарите, а уште помалку со ангажманот на летните засилувања за оваа сезона.

„Се шпекулираше се и сешто, кога заминуваа Македа и Канелјас, Штербик, Циндриќ... Но тоа беа нормални процеси, Македа и Канелјас ги прекинаа договорите, можеби зашто не се договориле за нова соработка. Циндриќ имаше преддоговор со Кјелце уште пред освојувањето на ЛШ, Штербик си замина во Веспрем поради децата, зашто тие сакаа да учат во унгарско училиште. Овие проблеми не беа поврзани со наводните проблемите на Вардар. Плус, доаѓањето на Скубе, Горбок, Милосављев на стартот на сезоната, ако имало „црни сценарија“ сигурно немало да биат потпишани“, додава Дибиров.

Тој додал дека од директорот Стојановски им било ветено дека на крајот на сезоната ќе бидат исплатени сите долгувања кон нив.

„Стојановски не увери дека клубот ќе ги испочитува сите финансиски обврски кон нас. Веруваме дека ќе биде се во ред. Нашиот газда и другите во клубот се светски луѓе“, посочи Дибиров.

Иако лошата вест дојде пред мечот со Пик Сегед, рускиот репрезентативец уверува дека ракометарите ќе направат сè за да стогнат повторно во Келн, а иако психолошки е тешка неубавата вест, нема шанси да се предадат и таа да влијае на нив.

„Овие неубави вести секако се психолошки тешки, но никој од момците не се предава и како момците не се предаваат, па за нив веќе заврши сезоната, туку сакаат да завршат на најдобар можен начин. Ќе бидеме будали, ако после ваква добра работа сезонава, се предадеме пред најважните мечеви. На 25 април ќе биде последен меч на овој Вардар во нашата сала, пред најдобрата публика на светот. Цела сала е распродадена, а ние не може лабаво да одиграме“, вели Дибиров.

Тој е еден од првите што дојдоа во Скопје кога започна да се конструира европскиот Вардар, а сега вели – со солзи ќе си одам.

„Тешко ќе си заминам од Македонија. Веројатно тоа ќе биде со солзи. Македонија и Вардар ми донесоа толку многу среќа и радост, не само мене, туку и на моето семејство. Вардар секогаш ќе биде дел од мене“, посочува Дибиров.