Македонија е созреана за големи дела, Летонија не смее да ни биде проблем!

После цела една деценија и четири неуспешни стартa во квалификациските циклуси, македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот) на Националната Арена „Филип Втори“ ќе мора да ја урне црната серија и да го победи „аутсајдерот“ во групата Летонија за да покаже дека дојдено е времето за оваа генерација да тргне во (втор) напад за пласман на Евро 2020.

Македонија има два правци по кои ќе треба да оди за да напише историја и прв настап на големите натпреварувања, нешто што е сон на првата ѕвезда Горан Пандев, кој денеска ќе го прослави стотиот меч во националниот дрес. Досега Македонија беше заглавена во просечноста, максимумот во сите квалификациски циклуси беше највисокото четврто место, па настапите во Лигата на Нации и обезбедениот евентуален плејоф за Евро 2020 сега треба да бидат само мотивација и доказ дека генерацијата е созреана за големи дела.

Пред Македонија е најлесниот противник барем на хартија. Летонија е репрезентација која потона фудбалски во последниот период, која лани доживеа три срама (пораз од Гибралтар и две ремија со Андора) и која на шест меча во Лигата на нации и тоа во најслабиот сегмент даде едвај два гола. Ако толку се фалиме со врвни настапи на Алиоски, Барди, Несторовски, Трајковски и со калчо-икона како Пандев, вечерва Летонија не смее да ни биде проблем за победнички почеток на квалификациите.

Колку и да стои тврдењето дека „денеска сите играат фудбал и секој може да изненади“, за оваа генерација со екстра-талентирани фудбалери, со играчи кои играа младинско ЕП пред две години, со суперталент како Елиф Елмас за кој пола Европа е заинтересирана, ништо друго освен сигурна победа не би требало да дојде предвид. Зашто добриот старт е мотивација повеќе и за гостувањето во Љубљана за три дена, но и најава дека Македонија нема да го чека идниот март за да се обиде да дојде до историски настап на континенталниот шампионат.

Црвено-жолтите минатата година не брилираа, целта да се најдат во плејофот преку Лигата на нации ја исполнија, но од вечерва стартува вистинскиот предизвик, а сите очекуваат двојно подобри игри од досега прикажаните.

„Очекувам да бидеме на ниво од претходните мечеви, максимално мотивирани, фокусирани и да победиме. Мене ми е задоволство што работам со овие фудбалери и јас најдоброто од нив го очекувам во следните средби. Од играчите барам да бидат сѐ подобри и допрва ги очекувам нивните најдобри настапи. Наше е да се стремиме да бидеме на нивото од домашните мечеви во Лига Нации Летонија е посериозен тест“, вели селекторот Игор Ангеловски во пресрет на мечот.

Евроквалификациите стартуваат денеска, траат до ноември, а Македонија ќе се обиде од сенка да стигне до изненадување, да се најде меѓу првите две селекции. Иако групата е тешка и незгодна, со селекции како Полска и Австрија, кои не се кремот на европскиот фудбал, но се исклучително силни, сепак црвено-жолтите имаат поголема шанса за да стигнат до целта, отколку да имаа великани во групата како во минатиот циклус со Шпанија и Италија. Сепак, колку и како ќе одиграме останува на фудбалските репрезентативци и на тактичките замисли на селекторот Ангеловски.

Но, јасна е целта во следните 12 месеци – Македонија да оди на Евро 2020. Првиот пат почнува денеска, а вториот (резервниот) е во март вгодина кога нѐ очекува Косово во плејофот, па затоа, за уште попозитивна атмосфера и поголема еуфорија потребно е победа. Меѓудругото и така да му се честита на капитенот за својот јубилеен 100-ти меч во националниот дрес.