Изненадување во Гевгелија: Гостивар ја прекина победничката серија на Блокотехна!

Серијата 15-2 направена во последната четвртина за највисоки плус 16 (75-59) на кошаркарите на Гостивар им донесе победа во вечерашната пресметката на гости кај Блокотехна (84-68) во меч од 6. коло од Првата лига.

Тоа беше прв пораз за гевгеличани во новата сезона во која сега единствено уште Работнички ја нема почуствувано горчината на поразот. Гостиварци сосема заслужено дојдоа до двата бода бидејќи ја имаа контролата врз играта и резултатот речиси во целиот натпревар. Домаќинот даде сѐ од себе за да ја продолжи успешната низа, но го плати данокот на лошиот шут за три поени, со оглед што погоди само три пати од 23 обиди за тројка.

Американецот Џозеф Фурстингер со 23 поени и девет скока беше најдобар во таборот на Гостивар, Александар Костовски постигна 16, а ветеранот Диме Тасовски 11 поени. Литванецот Повилас Гаидус со 23 поени беше најпрецизен кај Блокотехна.

Во вчерашните натпревари, Вардар во пресметката со Шкупи (77-67) дојде до првата победа сезонава, Фени индустри беше подобар од АВ Охрид (86-81) додека Куманово лесно го освои Пелистер (87-67). Шестата рунда ќе се комплетира утре со вечното дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички (20.15 часот).