Обезглавената ФФМ го одложи првенството!

Иако првично беше објавено дека новата сезона во македонската Прва лига ќе стартува во првиот викенд од август, сепак почетокот на новиот шампионат ќе биде пролонгиран за една недела подоцна, денеска објави Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

ФФМ закажа ждрепка за новата сезона на 1 август точно напладне во „куќата на фудбалот“, а пролонгирањето на стартот на сезоната се должи, како што информираат од ФФМ поради комплетирање на документацијата во процесот за лиценцирање на клубовите за претстојната сезона.

ФФМ остана обезглавена откако пред една недела првиот човек Илчо Ѓорѓиоски се повлече од функцијата, па сега сите отстапки што ги правеа во ФФМ се враќаат како бумеранг и куќата на фудбалот има сериозни маки за да стигне навреме да го започне првенството, како што првично беше планирано.

Најголем проблем во процесот на лиценцирање е трансформацијата на струмичка Беласица во акционерско друштво, но од таборот на еден од најголемите македонски фудбалски брендови вчера најавија дека навреме ќе ја завршат сета потребна документација за непречено да играат во елитата, каде се изборија за пласман по доминацијата во источната група во Втората лига во минатата сезона.

Во новата сезона во Првата лига ќе играат шампионот Шкендија, Вардар, Работнички, Шкупи, Ренова, Победа, Силекс, Академија Пандев и повратниците во прволигашкото друштво Македонија ЃП и струмичка Беласица. И оваа сезона ќе се игра во четири круга, вкупно 36 меча, а повторно Македонија тргнува (пре)доцна во сезоната за разлика од Србија, Хрватска, Унгарија, кои имаат еднаков број на мечеви.

Лани причината за доцниот старт беше оправдан поради Суперкупот на Европа, ама годинава очигледно е дека ФФМ не функционира како што треба.