Самсоненко го напушта ФК Вардар, клубот се враќа под капата на Град Скопје!?
Според информациите до кои дојде „Спорт 1“, членови на раководството на Вардар нареднава седмица закажале состанок со градските власти на кој треба да се договорат дали Град Скопје е спремен целосно или делумно да го превземе финансирањето на македонскиот фудбалски бренд. Интерес од градските власти и тоа како има, но не се знае колкав буџет би можеле да обезбедат за клубот и понатаму да биде на нивото кое што беше до лани. Засега, не се знае точниот термин и условите за примопредавањето на акциите, односно неговото враќање во рацете на Град Скопје, од каде што Самсоненко го купи официјално на 26 јануари 2014 година.
Рускиот бизнисмен, под чија капа Вардар ги направи најголемите успеси во своата историја, го купи клубот за сума од 50.000 денари по акција, купувајќи го мнозинскиот пакет на акции, кој претходно беше поделен помеѓу градот Скопје (51 отсто) и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП), кој имаше 49 отсто од акциите. Во договорот за купопродажба на акциите, на кои преку јавен повик од 16 јануари 2014 година, РК Вардар беше единствената заинтересирана страна, новиот газда се обврска во црвено-црниот клуб да инвестира најмалку по 1,5 милиони евра годишно во следните десет години.
И откако го превзема Вардар, Самсоненко набрзина формираше стабилен клуб, кој освои три шампионски титули по ред, играјќи една година во големото друштво во есенските групи во Лига Европа, а патем изгради тренинг-камп во Хиподром во вредност од преку четири милиони евра, како и Академија до Националната Арена „Филип Втори“ во вредност од 2,5 милиони евра. Капитални инвестиции со кои Вардар доби поинаков лик и стана вистински гигант, со услови какви што немаат најголемиот дел од клубови на Балканов.
Најавите на повлекувањето на рускиот бизнисмен од Вардар доаѓа во најтурбулентниот период за клубот, откако црвено-црните доживеаа срамна елиминација во Европа со вкупниот пораз од ерменски Пјуник со 0-3, што беше само кулминација на наталожените проблеми во Вардар во изминатиот период - најмногу со загубените трофеи во домашниот шампионат и неверојатните 34 бодови негатива во однос на тетовска Шкендија.
Вардар пред само една година обезбеди историски пласман во групите од Лига Европа, клубот само од награди на УЕФА, заработи 3,6 милиони евра, сигурно уште речиси толку од ТВ права и спонзорства, но и покрај тоа, клубот западна во финансиски потешкотии со работењето. Си замина речиси целиот тим кој напиша историја, а поради немање пари, црвено-црните не успеаја да најдат достојни замени. Последица од недомаќинското работење на управата на клубот, беше доведувањето на очајни фудбалери, кои беа елиминирани од аутајдерот Пјуник.
Јавна тајна е дека во Вардар има сериозни финансиските проблеми. Самсоненко срамежливо низ медиумите тоа и го потврди, со напомената дека „секој што бил во неговите фирми до крај ќе биде исплатен“. Но, доминантниот шампионски тим беше растурен, фудбалерите (про)давани за беспари, конкурентите како од шега ги „крадеа“ играчите од Вардар поради административни пропусти на управата за кои никој не одговараше... Што беше само потврда дека во Вардар ништо не функционира сè како што треба. Клубот во моментов должи огромни пари кон поранешните фудбалери, тие што го одведоа во Лига Европа, зашто ним им се должат по минимум шест плати, плус премиите за пласманот во натпреварувањето на УЕФА.
Самсоненко пред една година најави заминување од Вардар, лут поради нападите кои ги доживеал од јавноста кога се реши билетите за пресметката со Фенербахче да ги наплаќа по 2.000 и по 3.000 денари, а „култната“ јужна трибина да им ја продаде на Турците. Но, по нешто повеќе од еден месец, односно по пласманот во групите во ЛШ, Русинот се премисли и најави дека до последна капка пот ќе се бори за Вардар. Сепак, никако не успеа да најде дополнителни финансии за стабилизација на клубот, кој според последниот ревизорски извештај има неизвесна иднина и неодржлив е на долг рок поради големиот долг од околу 2,5 милиони евра, без оглед што на крајот од 2017 година пријавен е профит од преку 700.000 евра.
Заминувањето од фудбалскиот клуб е второ продолжение околу спортскиот колектив Вардар, затоа што Самсоненко се откажа од спонзорирањето на женскиот ракометен клуб, кој практично згасна откако ракометарките на европскиот вицешампион добија одврзани раце да си бараат нови средини по завршувањето на сезоната и тие го напуштија Скопје.
Град Скопје е на прагот по вторпат да управува со Вардар, откако градските власти во летото 2011 гоина успеаја да го спасат клубот од пропаст. Тогаш со сомнителна фузија, Вардар остана прволигаш, а потоа со финансиска инјекција се создаде тим што по девет години пауза доминантно го врати шампионскиот пехар во своите витрини. Градот Скопје две ипол години го раководеше клубот во период во кој беа освоени две шампионски титули, а трофеј не беше освоен само во 2014 година, кога настана и преструктуирањето на клубот и превземањето од страна на Самсоненко.