Отиде и капитенот: Стоилов го напушта Вардар и се сели во Полска?!
Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов, имал понуди од двата полски гиганта, но следната негова дестинација, неофицијално, ќе биде клубот кој владеше со Европа пред Вардар, полскиот гигант Кјелце. Тимот на Талант Душебаев го има еден од топ-3 пивоти во светот, Хулен Агинагалде, меѓутоа малку е „тенок“ со поддршката за него.
Кјелце оваа сезона во ЛШ играше со уште Матеуш Кус и Бартоломеј Бис, како алтернативи на Агинагалде. Првиот е специјалист за одбрана и во напад игра принудно и по потреба. Згора на тоа, пред две недели најави дека ќе си оди од Кјелце, а веќе се пишува дека Мотор Запорожје е заинтересиран за него.
Вториот има 21 година и се уште е неискусен, без ниту еден постигнат гол во ЛШ. Капак на тоа, во март ги оперираше вкредните прстени лигаменти на едното колено и му предвидуваат дека ќе се врати дури во октомври. Кјелце има уште двајца млади пивоти, но Талант сака искусна потпора за Агинагалде и каде да се обрати за засилување ако не во Вардар.
Минатата година си го зема синот Алекс, веќе се знае дека од летово негов играч ќе стане и Лука Циндриќ, а сега Стоилов ќе комплетира трио од шампионската екипа. Најдобриот македонски пивот во мај 2015 година го продолжи договорот со Вардар за три сезони, а сега не се спомна ништо за обновување.
Информацијата на Спорт1 не е еднострана, бидејќи за овој трансфер веќе неофицијално се пишувало и во Полска. Пивотот на Вардар, наводно, имал понуди и од Висла, која за следната сезона го обезбеди и Ренато Сулиќ.
Ако се оствари и овој трнасфер, Стоилов ќе биде осмиот вардарец кој ќе го напушти тимот по завршувањето на оваа сезона по Циндриќ, Штербик, Македа, Кањелјас, Марсениќ, Абутовиќ и тренерот Раул. Пивотот дојде во Вардар во 2011 година, на свои 24 години, од редовите на Одорхеи, откако претходно пет сезони играше во Металург.